Документарниот филм „Приказната за Силјан“ на режисерката Тамара Котевска нема да продолжи во трката за номинација за 98. доделување на „Оскарите“, откако не се најде меѓу 15-те документарци во потесниот избор што Американската академија за филмски уметности и науки го објави вчера. Иако бројни светски медиуми го вбројуваа филмот меѓу сериозните кандидати за номинација, Котевска порачува дека разочарување нема.
„Среќна сум што една македонска приказна одекна во светот и поради огромната поддршка што ја добиваме и јас и филмот од целата нација. ‘Силјан’ станува значаен и гласен, а тоа е најдлабоката поента на едно филмско дело. Не сум ни малку разочарана. Двапати сум била дел од оскаровска кампања и знам какви политички процеси ја следат. За мене приказната на некој начин и заврши во моментот кога National Geographic го откупи филмот – тоа е врв за секој филмаџија“, изјави Котевска на синоќешното јавно следење на објавувањето на потесниот круг.
Годинава конкуренцијата во категоријата за најдобар документарен филм беше исклучително силна – пријавени беа вкупно 201 филм, што ја прави една од најплодните години за документарната продукција, веднаш по пандемиската, кога беа пријавени 238 остварувања. Истовремено, објавени беа и потесните избори за најдобар странски филм, со 86 квалификувани наслови, како и за најдобар анимиран филм, каде конкурираа 35 филма.
„Приказната за Силјан“ беше квалификувана во две категории – за најдобар странски филм и за најдобар документарец. Филмот е откупен од National Geographic и досега освои и доби бројни значајни награди и номинации на реномирани фестивали и настани, меѓу кои Венеција, NYDOC, IDA, Spirit Awards, PGA Awards и Eye Cinema Audience Award. Македонската кампања за „Оскар“ во категоријата најдобар странски филм беше поддржана од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија.
Иако оскаровската трка за ова остварување завршува тука, „Приказната за Силјан“ продолжува да го живее својот филмски живот во киносалите, оставајќи трага како една од највпечатливите современи македонски документарни приказни што стигнаа до светската публика.