Силна зимска бура што се протега од Ново Мексико до Мејн предизвика хаос во Соединетите Американски Држави, поради што над 180 милиони граѓани се ставени во состојба на зголемена готовност, а повеќе од 9.000 летови се откажани низ земјата.
Според податоците на сервисот „FlightAware“, само денеска се откажани најмалку 3.259 летови, додека за утре се најавени уште 5.826 откажувања. Поради екстремните временски услови, федералните институции во Вашингтон ќе бидат затворени, соопшти Канцеларијата за управување со човечки ресурси.
Вонредна состојба во 18 сојузни држави
Вонредна состојба е прогласена во најмалку 18 американски сојузни држави, меѓу кои се:
Алабама, Арканзас, Џорџија, Кентаки, Луизијана, Мериленд, Мисисипи, Мисури, Њу Џерси, Њујорк, Северна и Јужна Каролина, Пенсилванија, Тенеси, Тексас, Вирџинија, како и главниот град Вашингтон.
Најпогоден е меѓународниот аеродром Форт Ворт во Далас, каде е регистриран најголем број откажани летови.
Температури до -40 степени
Метеоролозите предупредуваат дека снегот и мразот ќе зафатат голем дел од територијата на САД, а температурите во некои делови од Средниот Запад ќе се спуштат и до -40 степени Целзиусови.
Се очекува невремето во текот на ноќта да се движи кон исток, носејќи обилни снежни врнежи од Канзас и Синсинати, па сè до Вашингтон и Филаделфија.
Надлежните апелираат граѓаните да избегнуваат непотребни патувања и да ги следат официјалните предупредувања.