Кандидатот за претседател на Романија од националистичката партија Алијанса за обединување на Романците, Џорџе Симион, денеска изјави дека доколку биде избран, ќе му предложи компензаторни мерки на американскиот претседател Доналд Трамп за да се намали влијанието на потенцијалните американски царини врз романските компании.
Евроскептикот Џорџе Симион извојува убедлива победа со 41 процент од гласовите во првиот круг од претседателските избори на 4 мај, што доведе до оставка на социјалдемократскиот премиер Марсел Чолаку и пад на прозападната влада.
Симион ќе се соочи во вториот круг на 18 мај со градоначалникот на Букурешт, Никусор Дан, кој се кандидира како независен кандидат. Гласањето се смета за тест за подемот на национализмот во стилот на Доналд Трамп во Европската Унија.
Два дена по првиот круг од изборите, еврото денеска достигна историски максимум во однос на романската национална валута, лејот, преминувајќи го психолошкиот праг од пет леи за евро.
-Секако, ќе биде невозможно да се преговара за намалување на царинските тарифи само за Романија, бидејќи нашата земја е дел од европскиот единствен пазар и за неа важат истите царински правила како и во другите земји од ЕУ, рече Симион на денешната конференција.
„Сепак, имам намера да му предложам на претседателот Трамп компензаторни мерки за намалување на влијанието од зголемувањето (на царините) врз Романија. Поточно, ќе поддржам зголемување на американските инвестиции во Романија“, рече Симион.
Тој, исто така, посочи дека ќе се обиде да се консултира со италијанската премиерка Џорџа Мелони, која е меѓу ретките европски лидери што ги почитува.
-Доколку бидам избран, несомнено ќе се залагам за романските интереси, слично на начинот на кој претседателот Доналд Трамп ги поддржува американските интереси, рече Симион. Според него, овие интереси се совпаѓаат, па затоа доколку биде избран, тој значително ќе ги поддржи американските инвестиции и бизниси во Романија.
Симион е против воена помош за соседна Украина, го критикува раководството на ЕУ и наведува дека сочувствува со движењето МАГА на претседателот на САД „Да ја направиме Америка повторно голема“.
Победата на Симион би можела да ја изолира Романија, да ги поткопа приватните инвестиции и да го дестабилизира источното крило на НАТО, сметаат политичките набљудувачи.