Симон Саздов: Учебник по македонски за седмо со грешка до грешка – идни генерации ќе учат заблуди

Македонскиот јазик, еден од темелите на националниот идентитет, е сведен на маргините – предупредува проф. д-р Симон Саздов, редовен професор на Катедрата по македонски јазик. Во разговор за Рацин.мк, тој остро реагира на новите учебници, посочувајќи дека дел од нив се катастрофално изработени, со бројни грешки и со содржини кои не можат да им помогнат на наставниците и учениците во образовниот процес.

„Учебникот по македонски јазик за 7. одделение треба под итно да се повлече, без разлика колку тоа да звучи неверојатно. Во него има повеќе неточни отколку точни работи. Буквално грешка до грешка од областа на лингвистиката. Основни работи не ѝ се јасни на авторката“, вели Саздов, додавајќи дека е „вистинско чудо“ ако наставниците воопшто можат да работат по ваков материјал.

Симон Саздов

Неточни лекции и нелогични анализи

Според професорот, учебникот содржи фрапантни пропусти. „Во синтаксичка анализа на реченица, стои дека атрибут е предлошки предмет. Во примерот ‘сладолед од чоколадо’ анализата вели дека е ‘предлошки предмет од ванила’. Тоа е апсурдно,“ објаснува тој.

Друг пример е целата лекција за едначење по звучност, која е неточна. „Авторката ја пренела наставната програма погрешно – наместо отстапки од бележењето на едначење, таа пишува за отстапки од самото едначење, што не постои. Врз таа основа целата лекција е неточна.“

Во учебникот за 7. одделение, додава професорот, може да се најдат и илустрации од типот „една жаба, две жаби“ во категорија „број на именки“ – нешто што го сведува материјалот на примитивно ниво, далеку под потребното за таа возраст.

Погрешна процедура и „брзање по секоја цена“

Според Саздов, проблемот не е само кај авторите или издавачите, туку и во самиот процес на избор и одобрување. „Рецензентската комисија дала сериозни забелешки, но известителот ги отфрлил, ја распуштил комисијата – без да има законско право – и довел други рецензенти кои рекле дека е ‘сè во ред’. Тоа е скандалозно. Сите вклучени во процесот треба да се повикаат на одговорност,“ нагласува тој.

Главната причина, според него, е што се брзало по секоја цена учебниците да бидат готови за 1 септември, без да се води сметка за квалитетот.

Јазикот на маргините

„Предметот македонски јазик е сведен на маргините. Не се води сметка за квалитетот. Дури и кога е понуден квалитетен учебник, се наоѓа начин тој да се избегне и да помине слаб учебник кој по ниту еден критериум не смее да изгледа вака,“ вели Саздов.

Тој додава дека доколку овој учебник остане во употреба, последиците ќе бидат катастрофални. „Ќе дојде до ситуација наставниците и учениците да не можат да се разберат меѓусебно. Наставниците нема да знаат како да предаваат неточен материјал. Тоа е пат кон уништување на образованието.“

Кирилицата и пропустите

Саздов потсетува и на актуелната полемика околу кирилицата, при што во учебникот се оставени формулации кои не ја разјаснуваат дилемата околу авторството. „Долго време доминираше ставот дека Климент ја напишал кирилицата, а Климент работел на наша територија, во Охрид. Авторите на учебникот очигледно не се снаоѓаат ниту во оваа формулација. И тука се брзало, се бркале рокови.“ Формулацијата која треба да стои во учебникот е следна: Не се знае кој од учениците на Кирил и Методиј е автор на ирилицата!

Повеќе пари, помалку квалитет

Парадоксално, токму годинава за учебниците се издвоени повеќе пари од кога било. „До лани државата плаќаше околу 5.000 евра по учебник – средства со кои авторите мораа да покријат графички дизајн, техничко уредување, слики и сè друго. Затоа ретко кој беше заинтересиран. Оваа година има многу повеќе пари во игра – и токму сега добиваме вакви учебници,“ предупредува професорот.

Катедрата за македонски јазик, најавува Саздов, ќе излезе со официјална реакција. „Овој учебник мора да се повлече. Станува збор за системски пропуст кој ја става под знак прашање иднината на македонскиот јазик во образованието,“ заклучува тој.

Зачлени се на нашиот е-билтен