Сирија и Ирак денеска ги осудија американските напади врз елитните ирански сили и проиранските групи во тие две земји, извршени како одмазда за смртта на тројца американски војници во напад на крајот на јануари, пренесе Бета.
Иран силно ги осуди американските напади синоќа и изјави дека тоа е „кршење на суверенитетот на Сирија и Ирак“.
Најмалку 23 проирански борци, меѓу кои девет Сиријци и шест Ирачани, се убиени во источна Сирија, според Сириската опсерваторија за човекови права.
Во Ирак загинаа 16 лица, меѓу кои и цивили, соопшти денеска ирачката влада.
САД соопштија дека нападите биле одговор на нападот на 28 јануари врз база во Јордан, во близина на сириско-ирачката граница, во кој загинаа тројца американски војници, а Вашингтон ги обвини групите поддржани од Иран.
-Нашиот одговор започна денеска. Ќе продолжи на моменти и места што ќе ги одредиме, изјави синоќа американскиот претседател Џо Бајден.
-Американските одмазднички мерки придонесуваат за „поттикнување на конфликтот на Блискиот Исток на многу опасен начин“, реагира сириското Министерство за надворешни работи во соопштението.
Ирачката влада го осуди „кршењето на ирачкиот суверенитет“.
-Синоќешниот напад е авантуристичка акција и уште една стратешка грешка на Американците, која нема да има друг резултат освен засилување на тензиите и нестабилноста во регионот, реагираше портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Насер Канани.
Американската воена интервенција синоќа траеше триесетина минути и беше „успешна“ според Белата куќа, која даде гаранции дека не сака „војна“ со Иран.
-Вкупно 85 цели беа насочени на седум различни локации, четири во Сирија и три во Ирак, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на Белата куќа.
Сириската армија соопшти дека во нападите загинале одреден број цивили и војници, дека имало ранети и дека е направена значителна штета.
Околу 900 американски војници се распоредени во Сирија и 2.500 во Ирак како дел од меѓународната коалиција формирана за борба против групата Исламска држава во време кога таа контролираше цели делови од сириска и ирачка територија.
Белата куќа даде гаранција дека САД ја предупредиле ирачката влада пред нападите, што Багдад денеска го негираше.
Американската војска ги изврши нападите веднаш по враќањето на телата на тројцата загинати американски војници во САД, на церемонија на која присуствуваше и претседателот Бајден.
Операцијата на САД во текот на ноќта беше насочена кон командни и разузнавачки центри, како и инфраструктура за складирање на беспилотни летала и ракети кои овозможија напади врз американските и коалициските сили, соопшти Пентагон.
-САД не сакаат конфликт на Блискиот Исток или на кое било друго место во светот. Но, оние кои сакаат да ни нанесат штета знаат многу добро – ако удрите Американец, ние ќе одговориме, предупреди американскиот претседател во соопштението.
И Хамас ги осуди ноќните воздушни напади на САД врз Сирија и Ирак, велејќи дека Вашингтон „долева масло на огнот“ на Блискиот Исток. Хамас додава дека САД сносат „целосна одговорност за последиците од овој агресивен напад врз Ирак и Сирија“, објави „Тајмс оф Израел“.
-Вие кои додавате масло на огнот, ве уверуваме дека регионот нема да добие стабилност, ниту мир, се додека не се запре ционистичката агресија, геноцидните злосторства и етничкото чистење на Палестинците во Појасот Газа, порачаа од палестинската група.