Сите глечери се топат, но овој расте

Додека планетата бележи забрзано топење на мразот, со рекордно високи загуби од планинските глечери во последните децении, научниците се обидуваат да одговорат на едно прашање што звучи како парадокс: како е можно во ера на глобално затоплување да постои глечер што, наместо да се повлекува, привремено добива маса.

Токму таков „исклучок“ ги насочи рефлекторите кон високите Памири во источен Таџикистан. Таму, на околу 5.800 метри надморска височина, се наоѓа високопланинската ледена капа Кон-Чукурбаши – дел од регионот што со години се издвојуваше по тоа што дел од неговите глечери покажуваа релативно стабилно однесување, спротивно од трендот во Алпите, Андите или Алјаска.

На крајот на септември 2025, меѓународен тим во рамки на швајцарската иницијатива PAMIR (водена од Универзитетот во Фрибур и партнерски институции) успеа да извади два длабоки ледени јадра од Кон-Чукурбаши, долги 104,7 и 105 метри, при што во двата случаи е стигнато до подлогата. Едното јадро е наменето за лабораториска анализа (во соработка со тимови во Јапонија), а другото се депонира во архивата на Ice Memory Foundation за долгорочно чување во Антарктикот. Целта е преку „слоевите“ мраз да се реконструира климатската историја на регионот и да се разбере што ја штитело оваа ледена капа во период кога други глечери брзо исчезнуваат.

Но, „добрата вест“ има краток рок. Истражувања за северозападните Памири покажуваат дека од 2018 наваму снежните врнежи и снежната покривка се значително послаби, што директно ја нарушува здравствената состојба на глечерите и го зголемува топењето. Во научната анализа се посочува дека намаленото снежење по 2018 година доведува до порана пролетна деградација на снежната маска и до полоша масена рамнотежа на глечерите, што сугерира дека и „последните отпорни“ системи влегуваат во фаза на забрзана промена.

Овој контраст – локална аномалија на раст на мразот наспроти глобална криза – е причината зошто Кон-Чукурбаши стана лабораторија на отворено. Научниците не очекуваат „волшебна формула“ што ќе ги спаси сите глечери, но се надеваат дека механизмите зад ваквите краткотрајни исклучоци ќе помогнат попрецизно да се предвидат следните децении. Во меѓувреме, моделирања во научната литература предупредуваат дека исчезнувањето на поединечни глечери ќе достигне врв во средината на векот – со илјадници глечери што би можеле да исчезнуваат годишно во периодот 2041–2055, зависно од сценаријата за затоплување.

Зачлени се на нашиот е-билтен