Сите службени возила во државата од следниот месец ќе имаат црвени регистарски таблички, мерка со која институциите најавуваат дека ќе се намали злоупотребата на автомобилите за приватни цели.
Промоцијата на новите ознаки веќе беше направена пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“, каде што беа изложени возилата на Царината и Агенцијата за храна и ветеринарство.
„Ова не е само техничка промена, туку суштинска реформа која ја зајакнува довербата на граѓаните и ја потврдува одговорноста на институциите,“ изјави Александар Јанев, директор на Бирото за јавна безбедност.
Обврска за сите институции
Рокот за замената на табличките е 15 септември, но доколку некоја институција не ја исполни обврската, при следната регистрација возилото ќе добие црвени ознаки. Според податоците на Владата, Македонија располага со околу 7.500 службени возила, а до крајот на годината треба да бидат издвоени полициските возила во посебен регистар.
Најмногу возила во регионот
Со ваков број, Македонија е на врвот во регионот според бројот на службени автомобили. Србија има околу 6.000, Црна Гора 4.700, а Хрватска 4.000. За споредба, Шведска има десетина вакви возила, а Германија под 1.000.
Без казни за злоупотреба
Иако целта е поголема транспарентност и намалување на злоупотребите, во законот не се предвидени казни за функционерите што би ги користеле автомобилите за приватни потреби.
Антикорупциската комисија веќе предупреди дека речиси и да нема избори во кои не се користат службени автомобили во кампања. Од таму бараат воведување на јасни правила, евиденција за секое користење и санкции за прекршувачите.