Тековната ситуација во регионот, улогата на Кипар во процесот на евакуацијата на државјани од разни земји, како и иницијативата за создавање хуманитарен морски коридор, биле темите за кои попладнево разговарале кипарскиот претседател Никос Христодулидис и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, соопшти портпаролот на Владата на Кипар Константинос Летибиотис, јави дописничката на МИА од Атина.
Блинкен, во рамки на контактите во регионот, вонредно пристигнал на Кипар и со Христодулидис се сретнал на аеродромот во Ларнака, а според владиниот портпарол детално разговарале за ситуацијата на Блискиот Исток.
-Господинот Блинкен изрази благодарност до Република Кипар за многу важната улога што ја игра во прашањето за евакуација на државјани од различни земји, вклучително и од САД. На средбата детално се разговараше и за иницијативата на Република Кипар за создавање поморски коридор за обезбедување хуманитарна помош од Кипар со крајна дестинација Газа, а беше нагласена и потребата од итна деескалација на тековната криза, соопшти портпаролот на кипарската Влада во писмената изјава до медиумите.
Паралелно, Христодулидис го информирал Блинкен и за напорите на Кипар за одново започнување на преговорите за кипарското прашање.
На средбата на кипарскиот претседател со американскиот државен секретар присуствувал и министерот за надворешни работи на Кипар Константинос Комбос.
Извор МИА,