Скандал ја тресе Словачка: Мирослав Лајчак спомнуван во нови мејови од „Епстин фајлс“

Новата серија документи од т.н. „Епстинови фајлови“ повторно ја тресе словачката и европската јавност, откако во новообјавени мејлови се појавува името на поранешниот специјален претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак – сега висок советник на словачкиот премиер Роберт Фицо.

Документите, кои содржат илјадници материјали за криминалната мрежа на осудениот сексуален престапник Џефри Епстин и неговите врски со глобални политички, бизнис и академски елити, беа објавени од демократите во Одборот за надзор на Претставничкиот дом на САД.

Според мејловите што ги пренесува бриселскиот портал Euractiv, Епстин во неколку наврати упатува на Лајчак, опишувајќи го како личност „со меѓународно влијание“. Во преписката тој го нарекува со нговиот надимак „Миро“, што упатува на лична блискост.

Во еден мејл од 2019 година, Епстин го претставува Лајчак на ненаведен контакт како актуелен словачки министер за надворешни работи, поранешен претседател на Генералното собрание на ОН и „најважно – пријател“.

Друг мејл, објавен од словачкиот портал 360-tka.sk, открива дека Епстин во 2018 година пишувал дека „Миро доаѓа во Палм Бич“ – алузија на неговата резиденција на Флорида – „за стратешко планирање“.

Словачкиот портал Aktuality.sk денеска нагласува дека документите не содржат докази дека Лајчак бил свесен за, или вклучен во Епстиновите криминални активности. Сепак, материјалите укажуваат дека Епстин го гледал Лајчак како потенцијален сојузник во меѓународните дипломатски кругови.

Мејловите откриваат и дека Епстин покажувал интерес за словачката политика: коментирал за оставката на Роберт Фицо по убиството на новинарот Јан Куцаў во 2018 година, како и за изборот на претседателката Зузана Чапутова во 2019 година – оценувајќи дека „Лајчак би бил подобар кандидат“.

Словачките медиуми, меѓу кои и Euractiv Словачка, побарале реакција од Лајчак и Министерството за надворешни работи, но до објавувањето не добиле никаков одговор.

Зачлени се на нашиот е-билтен