Скандал во АХВ окрива текстот на А1он.мк, кој објави тврдења дека директорот Оливер Миланов воспоставил систем на постојан видео надзор преку кој, од својата канцеларија, во живо го следел движењето на вработените низ институцијата. Според објавеното, низ зградата биле поставени најмалку осум камери, а монитор поврзан со нив се наоѓал токму во кабинетот на директорот, што кај дел од вработените создало чувство дека секое нивно движење е под постојана контрола, од влегување во канцеларија до одење во тоалет.
А1он.мк наведува дека камерите биле распоредени на приземје, на првиот и на вториот кат, односно на места што ги покриваат ходниците, влезовите и пристапите до канцелариите. Но, според сведоштвата што ги пренесува порталот, најспорен не е само обемот на надзорот, туку неговата намена. Наместо безбедносен механизам, вработените го доживуваат како алатка за следење, притисок и дисциплинирање, при што, како што се тврди, директорот во реално време можел да следи кој каде се движи и со кого контактира.

Принтскрин
Токму тука случајот добива потешка димензија. Во текстот се наведува дека веќе е поднесена претставка до надлежната институција, со барање да се испита дали ваквата пракса го прекршува Законот за заштита на личните податоци. А1он.мк потсетува дека видео надзорот мора да биде ограничен, оправдан и пропорционален, а не да служи како средство за лична контрола на вработените. Дополнителен сомнеж отвора и прашањето кој има пристап до снимките, каде се чуваат и дали евентуално биле достапни и за лица што не се овластени.
Во истиот текст, А1он.мк го отвора и политичкиот контекст околу Миланов, посочувајќи дека станува збор за партиски кадар со спорна стручна биографија за функцијата што ја извршува. Така, приказната веќе не изгледа само како внатрешен проблем во една институција, туку како симптом на поширок модел во кој јавните установи се претвораат во места за партиски вработувања, а потоа и во простори за надзор, страв и понижување на административците што треба да му служат на јавниот интерес, а не на нечие лично чувство за моќ.