Скопјанец пукал во домот им се заканувал на жената и ќерките

Педесет и петгодишен скопјанец е лишен од слобода откако во семејниот дом пукал со пиштол и им се заканувал на сопругата и трите ќерки, а во еден од инцидентите физички нападнал една од нив.

Полициската интервенција се случила на 6 март околу 00:40 часот на подрачјето на Кисела Вода, каде бил приведен Б.С. (55), по сомнежи дека со оружје се заканувал на 48-годишната сопруга и на ќерките на возраст од 26, 24 и 18 години.

Во соопштението се наведува дека на 1 март, по претходна расправија во домот, осомничениот испукал еден куршум кој завршил во прозорецот, по што им се заканувал на две од ќерките и физички ја нападнал 24-годишната. Насилното однесување, според пријавата, било повторено и на 5 март околу 22:30 часот, кога повторно со пиштол ѝ се заканувал на сопругата, но бил спречен од ќерките да го употреби оружјето.

Осомничениот е задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Зачлени се на нашиот е-билтен