Скопје има само три полни години за да покаже дека титулата „Европски град на културата“ не е убаво ветување, туку реалност што се живее. „Во 2028 Скопје треба да биде центар на културата на континентот – и тоа мора да го покажеме,“ вели Каја Шукова, кандидатка за градоначалничка која ја поставува рамката без украси: време нема, одлуките мора да се претворат во изведба. Искуствата на минатите домаќини покажуваа дека градовите кои ја добиле оваа титула, имале повеќе од 10 милиони плус посетители додека ја носеле оваа титула. Во интензивното интервју за Рацин.мк, разговаравме Шукова и на оваа тема.
Во тој план, Универзалната сала е првата проверка на сериозноста. „Универзалната мора подитно да ја решиме,“ инсистира Шукова. Не зборува за носталгија, туку за функционална сцена што може да го носи товарот на големи концерти, фестивали и турнеи, како и на домашни продукции што заслужуваат услови. Паралелно, Младинскиот културен центар – поранешниот Дом на млади „25 Мај“ – „тотално е нефункционален во моментот“. За генерации скопјани тоа беше место на хорови, оркестри, клубови и дружење; денес, вели таа, мора да се врати во функција. „Точно се знае кои објекти треба да бидат ревитализирани за да се прикажеме добро во 2028 година,“ додава, најавувајќи јасна листа на приоритети наместо расплинати желби.
Шукова не крие дека часовникот трча. „Немаме време – три години се во прашање.“ Објаснува дека постои тим и комисија за култура и дека делот за културната програма е подготвен во рамки на градската програма. Но хартијата не е доволна ако институциите не се синхронизираат. „Ако не се соработува помеѓу централната и локалната власт, Град Скопје и општините – ќе се посрамиме,“ вели, потсетувајќи на непријатниот преседан со Паралимписката олимпијада. Ова е порака кон сите што носат одлуки: календарот за 2028 е нишка што мора да ги поврзе сите нивоа на власт, а не поле за блокади.
„Мораме сите заедно“ не ѝ е слоган, туку работна логика. На прашањето дали „понудена рака“ ќе биде основниот став, одговара кратко: „Апсолутно.“ Не е важно кој управува со која општина; важно е дека таму живеат граѓани што имаат право на култура, услуга и инфраструктура, без разлика на партија, етничка, верска или која било друга припадност. Таа потсетува дека и во претходните функции работела со градоначалници од различни политички опции – не од услуга, туку од принцип дека јавниот интерес не трпи услови.
Сликата за 2028, во нејзиното читање, е град што мисли во капацитет, а не во слогани. Функционални сали, сценска техника и протоколи што не колабираат на првиот поголем настан. Програма што не се кине на административни граници, туку се разлева низ сите општини – не само во центарот. Распоред на настани без преклопувања и празнини, јасна логистика на движење на публиката, партнерства со независната сцена и со институциите што веќе произведуваат квалитет. Кога ќе каже дека Скопје мора да „покаже“ оти е центар на културата, Шукова мисли на неделен ритам на мали и големи испораки: реконструкции што се отвораат навреме, простори што оживуваат, публика што добива содржина по мерка.
Суштината е едноставна и тешка во исто време: 2028 ќе значи нешто само ако после неа останат подобри сали, подобар систем и навика да се работи заедно. Затоа Универзалната и МКЦ не се само објекти, туку симболи на тоа дали градот знае да премине од идеја во дело. А „понудената рака“ е тестот на политичката зрелост: дали културата ќе биде заеднички проект или уште една пропуштена шанса. Ако Скопје сака да размислува во милиони посети, мора денес да почне да размислува во недели, задачи и отворени врати.