Skopje Air Fair 2025 – местото каде што почнуваат авијациските соништа

Петтото издание на Skopje Air Fair 2025, во организација на здружението AVICON, повторно го претвори Градскиот парк во Скопје во вистински аеродром на знаење, инспирација и дружба!
Денес, на 25 октомври, стотици љубопитни посетители – меѓу кои ученици, студенти, идни пилоти, инженери и љубители на авијацијата – уживаа во сончев ден исполнет со авионски приказни, музика и добри вибрации.

На штандовите беа претставени авио-компании, пилотски академии, центри за обука на контролори на летање, аеро-клубови, инженери, универзитети и компании за одржување на авиони. Посетителите имаа можност одблиску да дознаат како изгледа животот во небото, што сè подразбира светот на авијацијата и како да започнат кариера во оваа возбудлива област.

Најмладите беа најгласни околу моделите на авиони – дечиња со мали авиончиња во рацете, насмеани и полни со прашања, додека во средината на настанот гордо беше изложен вистински авион кој привлече големо внимание.

Атмосферата беше опуштена, со музика, разговори и позитивна енергија, а времето совршено ги послужи – сончев, пријатен ден, без дожд, како создаден за летање!

Со ова издание AVICON го одбележа петгодишниот јубилеј на оваа едукативна платформа која ги поврзува младите со професионалците од светот на авијацијата.
Скопје уште еднаш покажа дека има љубопитна, паметна и инспирирана младина што гледа кон небото со големи соништа.

Зачлени се на нашиот е-билтен