Денес главниот град на Македонија личеше на град во вонредна состојба. Скопје беше парализирано од километарски колони возила, закочен јавен превоз и илјадници студенти кои се обидуваа да стигнат на факултет во првиот академски ден.
За да се стигне од населбите до центарот, како што велат граѓаните, „требаа крилја“. Автобусите се чекаа и по еден час, а кога конечно ќе дојдеа, беа преполни и неподвижни во бескрајните сообраќајни редици. Колоните се протегаа и по еден километар, а такси превозот стана вистинска „премија на лото“ – тешко достапен дури и на местата каде секогаш има возила, како кај ГТЦ.
Проблемот не е од денес. Години наназад се предупредува дека јавниот превоз е нефункционален и дека урбаното планирање е жртвувано на сметка на хаотична и неконтролирана урбанизација. Денес само се покажа колку е кревка мобилноста во Скопје – град кој има над половина милион жители, но нема основни услови за нормален транспорт.
Парадоксално, во време кога европските метрополи инвестираат во зелени автобуси, метро и велосипедски патеки, Скопје сè уште се соочува со прашањето дали воопшто има доволно автобуси на улица. Денес одговорот беше јасен – нема.
Иронијата на граѓаните најдобро ја опишува состојбата: „Да прашаш дали има пилот во авионот – нема. Нема ниту пилоти, ниту авиони.“ Сообраќајниот систем е оставен да се снаоѓа сам, без план, без инвестиции и без визија.
Прашањето е едноставно: ако Скопје не може да издржи прв академски ден, како ќе издржи во деновите на редовен сообраќаен метеж? Додека властите и институциите молчат, граѓаните остануваат заробени во град што секојдневно докажува дека нема пилот во авионот.