Скопје е нашиот дом: Каја Шукова за чист град, брз превоз и култура што пак оживува

Кандидатката за градоначалничка на Скопје, инженерката и поранешна министерка за животна средина Каја Шукова, во разговор за нашата редакција ја отвори агендата: без „шминка“, со систем и со јасни рокови. „Не сакам да импровизирам – имам податоци и решенија,“ вели таа, најавувајќи дека првите 100 дена би биле посветени на радикално расчистување и поставување ред во управувањето со отпад, а паралелно – старт на БРТ и оживување на културните симболи.
Разговараше: Леон Бакрачески

Каја Шукова е родена скопјанка од Тафталиџе, мајка на две ќерки a својата кариера ја градела во проектите за животна средина – од пречистителни станици до системи за регионално управување со отпад. „Не сакам луѓето да ме препознаваат како личност што била министер, туку по професионалното искуство“, вели таа, потсетувајќи на Волково, Гевгелија и Кочани како примери за инфраструктура што носи директна корист на граѓаните. Во локалната власт, смета, искуството од централно ниво е предност само ако се преточи во практични и мерливи услуги.

Најжешката точка – Вардариште – Шукова ја адресира без двоумење. „Парк не може да има“, вели таа, оценувајќи дека е манипулација ветувањето на нејзиниот против кандидат Орце Ѓорѓиевски, да се ветува зелена површина врз старо градско ѓубриште со „околу два милиони метри кубни ѓубре“ и силни подземни процеси. „Илузорно е да кажете дека за една година таму ќе го порамните земјиштето, ќе засадите трева, ќе направите патеки. Тоа се долги процеси на деконтаминација, со гасови како метан, со ризици и со потреба од изолација кон подземните води“, предупредува Шукова. Нејзиниот предлог: постепена ревитализација на загадениот дел, систем за зафаќање гасови, паралелно нова претоварна станица „на чиста локација“ по европски стандарди и вистинска селекција за да се намали количината што завршува во Дрисла.

За да има селекција, мора да има и организација. „Во моментов едно возило на Комунална хигиена ги собира трите канти кои ги имате во делови од Скопје а кои се наменети за рециклажа. Тоа не е процес на селекција“ што дека граѓаните селектираат одпад, кога едно возил го собира и го носи на едно место, вели Шукова, предлагајќи календаризиран неделен распоред: ден за комунален, ден за пластика, ден за хартија/алуминиум/стакло – и јасни пунктови каде што отпадот ќе се прибира и сортира.

Градот, колективните постапувачи и граѓаните, според неа, мора да станат вистински партнери. „Отпадот е ресурс“, додава, со идеја и за дробилка на градежен шут што ќе се користи при санации на улици – кружна економија во пракса, а не само на хартија.

Во јавниот превоз, Шукова е експлицитна: БРТ мора да тргне. „Сметам дека тоа е единствено можно решение што ќе обезбеди брз, ефикасен и безбеден транспорт во Скопје за кратко време“, вели таа.

Првата линија – Ѓoрче Петров–Центар–Ново Лисиче/Аеродром – има поминато еколошка и социо-економска оценка и е подготвена со заем од ЕБОР; тендерот, потсетува, бил стопиран од сегашната градска администрација.

Линијата е околу 12–13 километри, со „околу 21 постојка“, возила на 3–4 минути и „60–65 илјади“ корисници дневно, а би можела да биде готова во разумен рок ако процедурите се деблокираат.

Втората линија, север–југ, следува како логична надградба, со обновена флота и строги еколошки стандарди и за ЈСП и за приватниците.

Центарот на градот, Мал Ринг, Шукова го гледа како пешачка зона со строг режим за возила и со пристап за жителите. Првиот чекор што го најавува е затворање на улицата Димитрие Чуповски од „Палома бјанка“ до Порта Македонија – околу 400 метри – и прераспределба на сообраќајот по периферијата на малиот и големиот ринг со јасни режими. „Ако сакате да станете туристичка дестинација, мора да обрнете внимание на пешаците,“ додава таа, критикувајќи го „сивилото“ на плоштадот и предлагајќи програма „100 мурали за Скопје“ – шанса младите уметници да му дадат боја и идентитет на градот.

„Не сум деструктивна. Најлесно е да дојдете и да рушите. Ако веќе стојат споменици – нека бидат функционални, а плоштадот да оживее со боја и зеленила“, порачува Шукова.

Лунапаркот, другата хронична рана, е „задолжително“ да се доврши според постојното идејно решение. Низ смеење додава, „Лунапаркот е истиот кога моите родители ме носеле мене па потоа јас како родител ги носев своите деца, тоа е едноставно неприфатливо“

Решението е подготвено пред неколку години од италијанска фирма, без сечење дрвја и со повеќе мултифункционални содржини за најмладите. „Во моментов во Скопје има премалку содржини за децата до 10–12 години. Тоа мора да се смени“, вели Шукова.

Администрацијата, во поглед на услугите, бара пресврт. „Спасот ни е во дигитализацијата – и во одговорноста“, нагласува таа. „Не сте тука граѓаните да бидат за вас; вие сте тука за граѓаните.“ Предлага мотивациски и санкциски механизми во јавните претпријатија – од Комунална хигиена и Водовод до Паркови и зеленило и ЈСП – и правило за брзи, љубезни и електронски достапни услуги. „Таа пракса да свртиш телефон за да завршиш работа мора да престане,“ вели Шукова.

Културата е посебен императив до 2028, кога Скопје е Европски град на културата. „Универзалната сала мора подитно да се реши,“ потенцира таа, потсетувајќи и на нефункционалниот Младински културен центар (поранешен Дом на млади „25 Мај“). „Немаме време – три полни години. Имаме тим и програма, но без соработка меѓу централната и локалната власт ќе се посрамиме, како што се посрамивме со детската олимпијада“

Првите 100 дена, ветува, ќе бидат практични и видливи. „Мора прво да се исчисти градот,“ со фокус на нов ред во подигањето и селекцијата на отпадот, санација и миење контејнери и камиони, и мобилизација со помош и од општествено одговорни компании.

Но предупредува: тоа е „кратка интервенција“ ако не се постави систем. Ќе инсистира на план и за водоснабдувањето: „Шеесет посто загуби има системот за водоснабдување за Скопје. Тоа е ужасна бројка – прифатливо е до пет–десет проценти,“ вели таа. За Матка и Водно ќе бара конечно правно прогласување и заштита, а за зимата – заеднички мерки против загадувањето „со граѓаните, со компаниите, со сите што сакаат да бидат одговорни“.

Клучната политичка порака ѝ е деполаризација и функционалност: „Не е битно кој е градоначалник на општината. Битно е дека во општината живеат граѓани, Скопје мора да биде дом на сите кои живеат во него“, вели Шукова.

Оттука и апелот до Советот на Градот – да се зајакне, да сноси одговорност и да престане блокадата на одлуки што се од интерес за јавниот превоз и урбаниот живот. „Очигледно дека законот за локална самоуправа треба сериозни промени,“ додава, но дотогаш – барем да профункционира здравиот разум, за доброто на сите граѓани.

На крај, нејзината понуда звучи едноставно и прецизно: град што прво ќе го исчистиме, потоа ќе го организираме, а потоа ќе го обојуваме – со БРТ што движи, Мал Ринг што дише, Вардариште што се лечи наместо да се шминка, и култура што се враќа дома во Универзална и во МКЦ. „Само заедно,“ повторува Шукова. „Инаку – пак ќе тапкаме во место.“

Зачлени се на нашиот е-билтен