Скопје Европска престолнина на културата 2028 – шанса што тоне во магла!

Скопје во 2028 година треба да блесне како Европска престолнина на културата – титула која ја доби во 2023 година, во жестока конкуренција со повеќе европски градови. Но наместо еуфорија и јасна визија за културна трансформација, проектот се соочува со хаос, административни бариери и сериозни предупредувања од Европската комисија. Денес, четири години пред големиот настан, наместо стратегија, културната јавност добива магла од неисполнети ветувања и непрозрачни процеси.

Што значи титулата „Европска престолнина на културата“?

Овој престижен европски проект започна во 1985 година по иницијатива на грчката министерка за култура Мелина Меркури. Целта е секоја година еден или два града од ЕУ и пошироко да ја носат титулата, промовирајќи ја културната разноликост на Европа и истовремено стимулирајќи економски и туристички развој.

Досега титулата ја имале градови како:

  • Атина (1985) – прва европска престолнина на културата,
  • Берлин, Мадрид, Париз, Амстердам, Копенхаген,
  • во поново време Есен, Марсеј, Грац, Пловдив, Темишвар, Нови Сад, Каунас

Овие градови покажаа дека проектот носи повеќе од културна програма: инвестиции во инфраструктура, нови културни институции, масовно зголемување на бројот на туристи и глобална видливост. На пример, Ливерпул (ЕПК 2008) забележа повеќе од 10 милиони дополнителни туристички посети, а Марсеј (ЕПК 2013) инвестираше 650 милиони евра во културна инфраструктура.

Како почна процесот во Скопје

Идејата за кандидатура на Скопје како Европска престолнина на културата започна во времето на градоначалникот Петре Шилегов. Под раководство на поранешниот министер за култура Роберт Алаѓозовски и тим од стручни експерти, се подготви апликација која беше оценета како сериозна, со јасна методологија и европска ориентација. Во тој период беа организирани јавни консултации, контакти со европски градови и културни институции, како и неколку видливи настани со транспарентна документација.

Во 2023 година, Скопје официјално ја доби титулата Европска престолнина на културата 2028. Очекувањата беа дека следува период на масовна подготовка, инвестиции во културната инфраструктура и креирање на програмска платформа што ќе го стави Скопје на европската културна мапа.

Што имаме денес?

Три години пред 2028, ситуацијата изгледа драматично поразлично од првичните најави.

  • Финансии: Државата и Град Скопје официјално одвоија околу 20 милиони евра за проектот, но реализацијата е минимална. Поголемиот дел од средствата се уште се на ниво на ветувања и планови.
  • Капитални инвестиции: Планирани се 6-7 мултифункционални културни центри и реконструкција на Универзалната сала, која мора да биде завршена до крајот на 2027 година. Но, процесите се во почетна фаза, без конкретни рокови и видлив напредок.
  • Програма: Наместо јасен концепт, јавноста се соочува со скриени или непрецизни документи. Нема достапни информации за деталната програма, а јавните повици се со куси рокови и административни бариери – како барање сертификати за англиски јазик или обемни документи кои непотребно ги ограничуваат потенцијалните апликанти.
  • Мониторинг од ЕК: Европската комисија веќе испрати предупредувања за недоволна реализација и нетранспарентност, а се шпекулира и за можни санкции доколку проектот не се унапреди значително во наредниот период.

Еден од најголемите проблеми е формирањето на координативно тело. Иако беше најавувано три пати, составот постојано се менува, без континуитет и институционална меморија. Во времето на Шилегов, тимот имаше јасна стратегија и разви мрежа на контакти. Со доаѓањето на Данела Арсовска, составот се менува повеќе пати, експертите се заменуваат со политички блиски кадри, а транспарентноста нагло опаѓа.

Овој дисконтинуитет значи дека со секоја промена на градската власт се губат документи, контакти и планови, што дополнително го забавува процесот.

Проектот како „фуснота“ на политичките игри

Наместо визија за културна револуција, проектот „Скопје 2028“ често се користи како монета за поткусурување во политичките борби меѓу власта и градската администрација. Наместо културната инфраструктура и европските стандарди да бидат во фокусот, јавноста гледа краткорочни PR акции и партиски препукувања.

Политичките судири меѓу ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска, заедно со пасивноста на институциите, го сведоа проектот на симболична титула без суштина, нешто што веќе го видовме како комплете срам со младинската олимпијада во Скопје, минатиот месец.

Опасност од губење на титулата

Она што најмногу загрижува е што Европската комисија веќе сигнализира дека Скопје може да ја изгуби титулата доколку не се исполнат обврските. Во минатото, имало случаи кога градови биле санкционирани или ставени под засилен надзор поради слаб напредок.

Официјалните лица во земјава тврдат дека „сѐ е во ред“, но експертите и културната јавност предупредуваат: доколку не се обезбеди јасна стратегија, транспарентност и навремена реализација на капиталните проекти, постои реална опасност Скопје да ја изгуби најголемата културна титула што некогаш ја добило.

Проектот „Скопје 2028“ требаше да биде кулминација на културниот развој на градот – шанса за нови културни центри, долгорочна инфраструктура, европска видливост и нова генерација на културни творци. Наместо тоа, денес гледаме административен лавиринт, скриени програми и ризик од понижување на меѓународна сцена.

Скопје сè уште има време да се извлече од оваа ситуација – но само доколку се создаде континуитет, транспарентност и вистинска визија, наместо културата повторно да биде сведена на „фуснота“ во политичките игри.

Секоја голема европска награда бара јасна визија, транспарентност и меѓународна соработка. Но, проектот „Скопје Европска престолнина на културата 2028“ полека се претвори во пример за административен хаос, кратки и нелогични рокови, тајни документи и несоодветни барања кои ја загрозуваат иднината на еден од најголемите културни предизвици за македонската метропола.

Скопје треба веднаш да ги отвори картите, да ги вклучи експертите, да ги продолжи роковите и да ги укине непотребните и скапи формалности ако сака да ја задржи и успешно реализира титулата Европска престолнина на културата 2028.

Зачлени се на нашиот е-билтен