Скопје како Дубаи, нови 16 проценти поскапувања на становите

Становите во Скопје во првиот квартал од 2026 година поскапеле за 16,7 проценти на годишно ниво, додека во однос на претходниот квартал растот изнесува 0,1 процент. Податоците покажуваат дека цените и натаму одат нагоре, иако кварталниот раст е речиси во место.

Во споредба со минатата година, ова сепак значи одредено забавување на темпото. Во текот на 2025 година, годишниот раст на цените на становите во Скопје изнесуваше 19,5 проценти во првиот квартал, 19,9 проценти во вториот, 25,1 процент во третиот и 25 проценти во четвртиот квартал. Сегашните 16,7 проценти се пониски од тие стапки, но и понатаму зборуваат за силен притисок на пазарот.

Важен детал е што индексот на Народната банка се подготвува врз основа на огласени цени за продажба на станови на територијата на Скопје, односно на понудени, а не на реализирани трансакциски цени. Тоа значи дека бројките го покажуваат правецот на пазарот и расположението кај продавачите, но не секогаш и конечната цена по која се склучува продажбата.

Дополнителен сигнал за тоа колку станбениот пазар останува силен доаѓа и од годишниот извештај на Катастарот за 2025 година, според кој становите учествувале со 33 проценти во вкупниот број купопродажби и со 48 проценти во вкупната вредност на пазарот. Во истиот извештај како најактивни општини се издвоени Центар, Аеродром и Карпош, кои воедно бележат и највисоки просечни цени по квадрат.

Зачлени се на нашиот е-билтен