Скопје ќе се кити со 53.000 евра

Фото: Макфакс.мк

Град Скопје ќе ја чини 3.260.000 денари – околу 53 илјади евра – новогодишната декорација за претстојните празници, а работата ќе ја изведе фирмата „Линк Медиа Плус ДООЕЛ“ од Скопје, единствениот понудувач на распишаниот тендер. Според објавените податоци, компанијата и претходно добивала слични ангажмани за празнично украсување во Општина Центар и во Штип, а во минатото работела и во Кавадарци и Чаир.

Најголемиот дел од декорациите ќе бидат поставени на плоштадот „Македонија“, кој традиционално е централна точка на новогодишните збиднувања. Спецификацијата предвидува новогодишна елка висока 13 метри, 3Д фигури во форма на мечиња и подароци, големи светлосни ѕвезди, „ѕвездено небо“ од околу 800 квадратни метри лед-мразулци, како и светлосни обвивки на 25 канделабри околу плоштадот.

Освен центарот на градот, декорацијата ќе ги опфати и дел од главните градски улици и булевари. Украсите ќе бидат поставени на „Даме Груев“, „Димитрија Чуповски“, „11 Октомври“, „ВМРО“, „Гоце Делчев“, „Партизански Одреди“ и „Филип Втори Македонски“, а пред зградата на Владата ќе бидат монтирани околу 40 светлосни елементи, слични на оние што ќе ги красат булеварите.

Обврска на „Линк Медиа Плус“ е не само поставување, туку и демонтажа на декорациите по завршувањето на празничниот период. Договорот формално сè уште не е потпишан, па Градот нема објавено точен датум кога ќе почне монтирањето, но најавите се дека украсувањето ќе стартува веднаш по финализирањето на постапката, за Скопје навреме да ја добие својата празнична слика.

Зачлени се на нашиот е-билтен