Градскиот парк во Скопје на 20 јуни ќе се претвори во огромна концертна сцена на која над 200 уметници од Македонија, Бугарија и Грција заеднички ќе ја изведат монументалната кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф.
Спектаклот под отворено небо ќе започне во 21 часот, а пред публиката ќе настапат Македонската филхармонија, Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун.
На големата сцена ќе им се придружат хорот на Националната опера и балет, детскиот хор „Пиколо“ и хорот на Музичкото училиште од Солун, создавајќи едно од најмасовните музички доживувања организирани во Скопје ова лето.
Со музичкиот спектакл ќе диригира бугарскиот маестро Најден Тодоров, кој е и иницијатор на регионалниот проект. Заедничката изведба претходно беше претставена пред публиката во Софија и во Солун, а нејзината завршница ќе се случи во Скопје.
Како солисти ќе настапат светски признатата македонска сопранистка Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов.
Публиката ќе има можност во живо да ја слушне величествената музика на Карл Орф, вклучувајќи ја и препознатливата „O Fortuna“, едно од најмоќните и најпознатите хорски дела во светската музика.
Директорот на Македонската филхармонија, Мустафа Имери, оцени дека концертот ја заокружува значајната соработка меѓу трите балкански оркестри и ја потврдува моќта на музиката да ги поврзува луѓето и културите.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека културата има најголема смисла кога излегува од институциите и станува дел од секојдневниот живот на граѓаните.
Според него, концертот е подарок за граѓаните, а публиката ќе може бесплатно да присуствува на настанот во Градскиот парк.
Директорот на Државниот симфониски оркестар од Солун, Симос Папанас, нагласи дека идејата за соработка меѓу трите оркестри се родила пред три години, со желба преку музиката да се изградат нови мостови меѓу балканските земји.
Тој посочи дека регионот располага со огромен музички потенцијал и таленти, но дека е потребна поголема соработка за тие вредности заеднички да бидат претставени пред светската публика.
Сопранистката Ана Дурловски оцени дека проектот покажува оти музиката може да ги избрише физичките граници и да ги обедини уметниците и публиката од различни држави.
Концерт-мајсторот Владимир Костов, пак, порача дека повеќе од 200 музичари обединети на една сцена ќе потврдат дека музиката урива бариери.
Со голем оркестар, моќни хорови, врвни солисти и едно од најпознатите дела на класичната музика, Градскиот парк ќе стане место на спектакл каков што ретко се гледа под отворено небо во Скопје.
