Скопје парализирано: униформирани лица, поранешни припадници и колонa возила со знамиња ја преплавија Илинденска и Партизанска

Скопје денеска доживеа најмасовна блокада во последните години, откако повеќе илјади демонстранти се собраа на протестот организиран од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во поддршка на поранешните команданти на УЧК кои се судат во Хаг. Од раните попладневни часови, градот се претвори во поле на контролирани коридори, преголема толпа и возила кои со часови не мрдаа од место.

На плоштадот „Скендербег“ се слеа маса луѓе – униформирани лица, поранешни припадници и поддржувачи на УЧК во камуфлажни комбинации, групирани во формации што повеќе наликуваа на паравоени редови отколку на обични демонстранти. Присутните носеа албански и косовски знамиња, фотографии од обвинетите и обележја поврзани со поранешната вооружена организација. Фотографиите од терен покажаа групи мажи во воени елеци, со ознаки на единици и со дисциплинирано движење низ толпата, што создаде впечаток на демонстрација со висок степен на организација.

Блокадата најсилно се почувствува на Илинденска и Партизанска, и кај каде колони возила со етнички знамиња се протегаа стотици метри. Граѓаните кои се движеле по главните сообраќајници сведочеа за масовно присуство на автомобили со албански знамиња, придружувани од гласни сирени, трубeње и групи што маршираа кон центарот. Речиси целиот сообраќаен прстен околу Чаир, Бутел и Центар беше во прекин, а полицијата на неколку наврати го пренасочуваше движењето за да спречи дополнителен хаос.

Атмосферата на плоштадот беше комбинација од политички митинг, национална мобилизација и протестен набиен набој. Ахмети пред насобраните порача дека хашките процеси се неправда кон „борците за слобода“, додека претставници од Косово ја засилија реториката со пораки за солидарност со обвинетите. Во исто време, дел од јавноста предупреди дека масовната појава на униформирани лица во центарот на главниот град испраќа погрешен и вознемирувачки сигнал, особено во кревкиот политички контекст во државата.

Иако протестот помина без поголеми инциденти, сликата на униформирани групи, масовни етнички знамиња и блокирани булевари го отвори прашањето за политичката порака што ДУИ сакаше да ја испрати. За едни – демонстрација на поддршка и идентитет; за други – притисок врз институциите и провокација во период на засилени етнички и политички тензии.

Скопје полека се враќа во нормален режим, но впечатокот од денешната блокада, дисциплинираните групи и паравоените симболики останува како силна визуелна слика од протест кој ја парализираше метрополата.

Зачлени се на нашиот е-билтен