Скопје: побаран притвор за 33-годишен поради загрозување на сигурноста на поранешна партнерка

Основното јавно обвинителство – Скопје поведе постапка против 33-годишен скопјанец поради загрозување на сигурноста на поранешната девојка. Според обвинителството, во периодот од 5 до 30 октомври осомничениот со повеќекратни пораки и телефонски јавувања упатувал сериозни закани по животот на оштетената, што е квалификувано како повеќекратно остварување на исто кривично дело во континуитет.

Инцидентот ескалирал на 30 октомври пред една клиника во Скопје, каде што, според наводите, осомничениот агресивно се однесувал, ѝ се заканил на оштетената и на нејзиниот брат, ја влечел за рака и се обидел да ја принуди да се врати во неговиот дом. Обвинителството наведува дека ваквото однесување кај оштетената предизвикало чувство на страв, несигурност и загрозување, а настаните се третираат и во контекст на семејно насилство.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка поднесе предлог за определување мерка притвор, образложувајќи ја со опасност од повторување на делото и можност на влијание врз оштетената. Судот треба итно да одлучи по предлогот.

Зачлени се на нашиот е-билтен