Скопје сѐ уште се дави во ѓубре, каде се дополнителните камиони

Иако градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски тврди дека состојбите во ЈП „Комунална хигиена“ се значително подобрени и дека градот полека се чисти, фотографиите од терен го кажуваат спротивното. Само неколку часа по неговата изјава дека бројот на камиони е зголемен од 16 на околу 50 и дека централното градско подрачје е исчистено, жители на Капиштец сведочат за преполни контејнери и расфрлан отпад на улицата „Васил Ѓоргов“.

Ѓорѓиевски, кој е на функцијата нешто повеќе од еден месец, вели дека наследил долг од близу 300 милиони евра и „целосно девастирани јавни претпријатија“, нагласувајќи дека проблеми има, но дека тие се решаваат. Според него, „Комунална хигиена“ првиот ден располагала со само 16 камиони, а денес во функција се околу 50, со најави дека до пролет ќе пристигнат уште 30 нови возила со поддршка од Министерството за транспорт, Светската банка и Владата.

Но, додека на хартија бројките растат, реалноста на улиците покажува дека Скопје сѐ уште се гуши во ѓубре. Фотографиите од Капиштец не се изолиран случај, туку уште еден показател дека функционалноста на системот за собирање отпад сѐ уште не е стабилизирана. Преполните контејнери и отпадот околу нив оставаат впечаток дека подобрувањата за кои говори градоначалникот не стигнале до сите населби.

Ѓорѓиевски уверува дека бројот на диви депонии е намален и дека кејот, плоштадот и центарот се исчистени, како и дека од платните списоци се отстранети околу 600 лица, без нови вработувања. „Со помалку лица работиме и даваме сѐ од себе“, вели тој.

Сепак, за граѓаните што секојдневно поминуваат покрај контејнери преполни со смет, ветувањата за подобра иднина тешко можат да ја заменат потребата од чист град денес. Додека Градот зборува за процеси што „не се решаваат преку ноќ“, улиците на Скопје продолжуваат да ја носат тежината на систем што сѐ уште очигледно не функционира како што треба.

Зачлени се на нашиот е-билтен