Главниот град на Македонија веќе неколку недели е под заседа на смет. Кучиња скитници, отпад, зелени површини покриени со пластика и хартија, и улици кои од далеку мирисаат на запустеност – тоа е реалноста на Скопје. Додека институциите се „тепаат“ со кривични пријави едни кон други, вистинската штета ја трпи граѓанинот. Општина Аеродром поднесе пријава против Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, Град Скопје ја повтори истата тактика кон раководството, а во меѓувреме ѓубрето продолжува да се трупа.

Сите се тужат, сите покажуваат мускули, но кој ќе ја преземе вистинската одговорност? Политичките калкулации не чистат смет. Ниту однапред поднесените казни и пријави. Додека политичките игри се играат, Скопје доживува сериозен екоцид, а со овие високи температури, ризикот од зарази и ширење на болести е реален. Животната средина не заслужува да биде поле за политички пресметки.

Дали некој ќе одговара за тоа што Скопје е под закана, или ќе гледаме како отпадот станува редовна слика на градот? Граѓаните плаќаат за услуга која не ја добиваат. Сè додека кривичните пријави останат само на хартија, додека јавноста чека политичари да се „поиграат“ со сопствената одговорност, Скопје ќе тоне.
Овој хаос не смее да помине неказнето. Време е институциите да престанат да се префрлаат едни на други, да ја превземат вистинската одговорност и да ги заштитат граѓаните и животната средина. Префрлување на вина и тужби не го чистат градот – тоа може да го направи само чесен и професионален одговор.
Скопје не заслужува да биде депонија. Скопје заслужува почист воздух, почисти улици и почит кон граѓанинот кој плаќа за тоа.