Скопје утревечер ќе ја слуша поезијата во „Лабораториум“

Светскиот ден на поезијата годинава во Скопје ќе биде одбележан со голема поетско-музичка вечер под слоганот „Светот ја слави поезијата. Градот ја слуша“, што на 18 март од 19 часот ќе се одржи во културно-едукативниот центар „Лабораториум“.

Организатор на настанот е Издавачки центар ТРИ во соработка со Општина Центар, а влезот е слободен.

Според најавата, на настанот ќе настапат 30 современи и афирмирани македонски поети и поетеси од различни генерации, заедно со современи македонски музичари.

Настанот тематски е посветен на поезијата за патот, а организаторите оваа тема ја објаснуваат како природен симбол и на поетското созревање и на човечката потрага по смисла. Во таа рамка, вечерта не е замислена само како читање стихови, туку како обид поезијата да се врати во жив градски простор, таму каде што зборот не стои затворен меѓу корици, туку се слуша, се дели и се доживува заеднички.

Беседа по повод Светскиот ден на поезијата ќе одржи поетесата Ивана Јовановска, а вечерта ќе ја модерира поетесата и новинарка Александра Спасеска. Музичкото интермецо меѓу читањата ќе го изведе Зарина Првасевда, додека завршницата е најавена со „Поетроника“, кои ќе ја продолжат атмосферата и по официјалниот дел од програмата.

Зачлени се на нашиот е-билтен