„Грижата за луѓето не е популизам, туку суштината на јавната служба“, порача кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за идниот развој на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, претставувајќи дел од програмата за ранливите категории. Визијата, како што ја опиша, е град без длабоки разлики, кој го темели развојот на човечноста и достојството.

Пензиска поддршка и услуги за трето доба
Ѓорѓиевски најави пакет мерки за највозрасните: субвенционирано бањско лекување, континуирана здравствена грижа и рехабилитација, подобрени услови за домување и можности за активен општествен живот. Во план е финансиска помош од 2.500 денари месечно за пензионерите со најниски примања. Практиките од Кисела Вода — „итно копче“, транспорт за стари лица, нега во дом — би се прошириле на ниво на град. Предвидено е и целосно реновирање на пензионерските домови за да станат безбедни, достапни и пријатни простори.
Да се прошири „паметната картичка“ за пензионери со ниски приходи: користење услуги на јавните претпријатија и установи бесплатно или со значителни попусти — музеи, библиотеки, кина, Зоолошка, жичница и други содржини.
Најавено е детално мапирање на социјалните проблеми, со фокус на лицата со попреченост, нивните семејства и старите лица. Планот опфаќа: системска поддршка за здруженијата, десетгодишна стратегија за инклузија (со вклучување на младинските политики), проекти за пристапност до институциите, помошни асистенти при административни постапки, дигитална достапност и финансиска поддршка за семејствата негуватели. Предвидени се програми за вклучување на пазарот на труд и општествена интеграција.
За семејствата и поединците во ризик: директна финансиска поддршка, хуманитарни пакети, психо-социјална помош и советувалишта, како и образовни и преквалификациски програми за поголема економска самостојност. За бездомните — отворање прифатни центри со 24-часовна грижа, храна, облека, медицинска помош и програми за реинтеграција.
Планиран е специјализиран едукативен центар за обуки, работилници и советување за исхрана, здрави навики и управување со хронични состојби. Центарот би нудел психо-социјална поддршка, вмрежување со здравствени институции и здруженија на пациенти, како и дигитална платформа со информации и видео-материјали.