Скопската полиција вчеравечер, во координирана акциска контрола спроведена од 18 часот до 2 часот по полноќ, регистрирала вкупно 99 сообраќајни прекршоци на подрачјето на главниот град.
Од МВР информираат дека 11 возила биле подигнати со специјалното возило „Пајак”, а две возила биле одземени поради предизвикување преголема бучава. Полицијата привела и две малолетни лица кои возеле без возачка дозвола и не застанале на знак „Стоп“. Дополнително, четири лица биле лишени од слобода откако кај нив биле пронајдени наркотични средства.
Во рамките на акцијата, во соработка со инспектори за животна средина, извршени се мерења на јачината на бучавата во угостителски објекти. Констатирано е дека два објекти во централното градско подрачје го нарушиле јавниот ред и мир со прегласна музика, за што им биле издадени записници за прекршоци.
Паралелно, со Државниот пазарен инспекторат била спроведена и контрола на документацијата на повеќе угостителски објекти.
Акцијата е дел од континуираните засилени мерки на полицијата за зголемување на сообраќајната безбедност и одржување на јавниот ред и мир во Скопје.