Започна првата фаза од проектот за реновирање на железничката станица во Скопје, со отстранување на првиот билборд и други реклами кои го покриваа автентичниот изглед на фасадата.
Директорот на Железница Инфраструктура, Синиша Ивановски, информира дека целта е станицата да се врати во оригиналниот изглед, со чиста и уредна надворешност и соодветна современа илуминација.
„Со отстранувањето на долгогодишните билборди и светлосни реклами го ослободуваме просторот и ја истакнуваме архитектурата на станицата. Благодарни сме на компаниите кои веднаш се согласија да ги тргнат своите реклами“, истакна Ивановски.
Проектот ќе се спроведува во неколку фази, а конечната цел е станицата да добие чист и современ изглед кој ќе ги подобри условите за патниците и ќе ја врати убавината на овој значаен јавен простор.

