Скопски Водовод тоне: најголем загубар и должник меѓу општинските фирми

Новиот извештај за работењето на локалните јавни претпријатија ја вади на површина сметката од хроничното лошо управување. Повеќе од половина општински претпријатија лани работеле со загуба, а Скопје го држи врвот – „Водовод и канализација“ е и најголем загубар и најголем должник во државата.

Според анализата на Центарот за граѓански комуникации, вкупните загуби на локалните јавни претпријатија достигнале 17,4 милиони евра и се зголемени за 56 проценти во однос на 2023 година. Само скопски „Водовод и канализација“ бележи минус од 4,2 милиони евра, а зад него се уште две скопски претпријатија: „Улици и патишта“ и „Комунална хигиена“.

Долговите се уште потежок товар. Од 128 анализирани претпријатија, 126 имаат акумулирани обврски во висина од 193,2 милиони евра. Повторно, на врвот е скопскиот „Водовод и канализација“ со долг од 53,3 милиони евра. Веднаш зад него следи ЈСП-Скопје со речиси 17 милиони евра долгови, а по нив кумановскиот „Водовод“ и гостиварски „Комуналец“, секој со околу 10 милиони евра.

Една третина од локалните јавни претпријатија имаат блокирани сметки – вкупно 41 фирма. Во исто време, во овие 128 претпријатија се вработени над 12 илјади луѓе, со најголеми колективи токму во скопските „Комунална хигиена“, ЈСП и „Водовод и канализација“. Моделот во кој загубите и долговите растат, а услугите за граѓаните остануваат на исто или пониско ниво, веќе не може да се прикрива зад формулата „јавен интерес“.

Зачлени се на нашиот е-билтен