Откако на социјалните мрежи се појави видео во кое млад човек стои на хауба од автомобил во движење без регистарски таблици, Министерството за внатрешни работи експресно ги идентификуваше и приведе учесниците.
Возачот, 20-годишниот С.З. од Скопје, ќе одговара за повеќе прекршоци: управување нерегистрирано возило, возење без возачка дозвола и превезување лице на надворешен дел од автомобил.
Неговиот 19-годишен сопатник Р.Ѓ., кој се снимаше на хаубата, е пријавен за загрозување сопствена безбедност и за тоа што му дозволил на лице без возачка дозвола да управува возило.
СВР Скопје соопшти дека кон двојката ќе бидат поднесени соодветни пријави според Законот за безбедност на сообраќајот и Законот за возила, и најави дополнителни мерки за целосно расчистување на случајот. Полицијата повторно апелира до граѓаните да се воздржат од опасни „каскадерски“ потфати и строго да ги почитуваат сообраќајните прописи.