Сладок грабеж во Европа: исчезнаа 12 тони Кит-Кет

Повеќе од 12 тони чоколадни плочки Кит-Кет, односно 413.793 парчиња, исчезнале за време на транспорт низ Европа, откако камион што тргнал од централна Италија кон Полска не стигнал до крајната дестинација. Nestlé потврди дека и возилото и товарот засега не се пронајдени.

Украдената пратка била наменета за дистрибуција низ европските пазари, а компанијата предупредува дека производите би можеле да се појават во неофицијални продажни канали. Според соопштението, секое парче може да се следи преку единствен сериски код, што треба да помогне во идентификацијата на украдената стока.

Иако приказната звучи како куриозитет, од Nestlé ја користат и за да посочат на поширок проблем: сѐ почести и пософистицирани кражби на товар во Европа. Компанијата појасни и дека нема ризик за безбедноста на потрошувачите, а во коригирано соопштение наведе дека случајот нема да влијае ниту врз снабдувањето, ниту врз трговијата.

Настанот во меѓувреме се претвори и во вирална тема на интернет. Euronews објави дека веста предизвикала бран шеги и поп-културни алузии на социјалните мрежи, па така „слаткиот грабеж“ стана една од најнеобичните европски вести на денот.

Зачлени се на нашиот е-билтен