Следуваат неколку продолжени викенди во Македонија

По зимските празници, календарот во 2026 година носи уште неколку продолжени викенди за граѓаните во Македонија, а првиот следен за сите е на 20 март, кога Рамазан Бајрам се паѓа во петок. Во објавениот календар за неработни денови е наведено дека годинава има вкупно седум продолжени викенди за сите граѓани.

Покрај 20 март, како продолжени викенди за сите граѓани се наведени и 13 април (понеделник, втор ден Велигден), 1 мај (петок, Ден на трудот), 25 мај (понеделник, поради тоа што 24 мај паѓа во недела), 3 август (понеделник, поради тоа што 2 август паѓа во недела), 12 октомври (понеделник, поради тоа што 11 октомври паѓа во недела) и 23 октомври (петок).

Во истиот календар се наведени и други државни неработни денови за сите граѓани кои не формираат продолжен викенд, како 8 септември и 8 декември, но токму празниците што паѓаат во петок или понеделник отвораат најмногу простор за планирање кратки одмори и патувања.

За граѓаните од православна вероисповед, дополнително се наведуваат и повеќе празници што носат слободен ден, меѓу нив и 19 јануари, 10 април, 29 мај и 28 август, при што дел од нив исто така се вклопуваат во продолжен викенд. За граѓаните од муслиманска вероисповед е наведен 27 мај, а за граѓаните од католичка вероисповед 6 април и 25 декември како неработни денови (додека 1 ноември во 2026 паѓа во недела).

Зачлени се на нашиот е-билтен