Словачка воведува ограничување на брзината за пешаците – побавно движење за поголема безбедност

Во Словачка од 1 јануари 2026 година ќе стапи во сила нов закон кој пропишува максимална дозволена брзина на движење по тротоарите – 6 километри на час. Мерката, која предизвика бројни реакции, има за цел да ја зголеми безбедноста на пешаците и да ги намали судирите на јавните површини, пренесува Politico.

Ограничувањето се однесува не само на пешаците, туку и на велосипедистите, скутеристите, корисниците на ролери и електрични тротинети, кои имаат право на движење по тротоарите.

„Главната цел е да се зголеми безбедноста на тротоарите, особено поради сè почестите судири со електрични тротинети“, изјави авторот на амандманот Љубомир Важни од левичарско-популистичката партија Смер на премиерот Роберт Фицо, која е дел од владејачката коалиција.

Според него, оваа измена ќе овозможи полесно утврдување на прекршоци во случаи кога е потребно објективно да се докаже дека некој се движел побрзо од дозволеното.

Просечната брзина на одење, според податоците, се движи меѓу 4 и 5 км/ч, додека брзина од 6,4 км/ч се смета за умерен чекор за лице со добра физичка кондиција.

Опозицијата остро ја критикуваше оваа мерка, а дури и словачкото Министерство за внатрешни работи оцени дека „подобро би било да се забранат електричните тротинети на тротоарите, наместо да се воведува општо ограничување за сите“.

Пратеникот Мартин Пекар од опозициската либерална партија Прогресивна Словачка изјави дека законот е „апсурден и контрапродуктивен“.

„Пешаците не се во опасност од велосипедистите, туку од автомобилите. Ако сакаме помалку несреќи, ни требаат повеќе безбедни велосипедски патеки, а не забрани што е физички невозможно да се почитуваат“, рече Пекар, додавајќи дека „на таа брзина, велосипедистот едвај може да ја задржи рамнотежата“.

Законот предизвика лавина од шеги на социјалните мрежи, каде граѓаните иронично се прашуваат – дали трчањето по автобусот ќе стане казниво дело.

Зачлени се на нашиот е-билтен