По трагичниот настан во Нови Место, во кој 48-годишен маж го загуби животот, словенечките власти ги засилија безбедносните мерки во областа Долењска.
РТВ Словенија информираше дека на терен надлежните распоредиле голем број на полицајци, а членовите на Секретаријатот на Советот за национална безбедност дале согласност да активираат мешани патроли на словенечката полиција и војска.
Секретаријатот на словенечката влада ѝ го предложил членот 37 од Законот за одбрана да се активира за период до една година, при што безбедносната состојба ќе биде разгледувана на месечна основа. Како што нагласи владината Канцеларија за комуникации, припадниците на словенечката војска нема да имаат полициски овластувања при извршување на овие задачи.
Слична мерка беше усвоена поради мигрантите
Медиумите информираат дека слична мерка веќе била усвоена во 2015 година за време на мигрантскиот бран и се покажала како „ефикасна поддршка за полицијата во извршувањето на нејзините задачи во областа на безбедноста“.
Мешаните патроли ќе работат во согласност со постојниот план за соработка меѓу словенечката армија и полицијата.
Членовите на секретаријатот настапиле и со предлог за обезбедување на дополнителни финансиски средства за полицајците поради зголемениот обем на работа. Владата ќе одлучи за предложените мерки што е можно поскоро.
Пратеникот бара надоместоци за полицајците
Пратеникот на Словенечката демократска партија (СДС) Жан Махнич поднесе иницијатива до владата со која се предлага воведување додаток од 30 проценти на основната плата за сите полицајци кои работат во Полициската управа Ново Место или се привремено распоредени таму за одржување на јавната безбедност и ред.
Махнич потсетува дека во слични ситуации, на пример за време на епидемијата на Ковид-19 или посебни безбедносни настани, владата веќе донела одлуки за посебни надоместоци поради зголемени оптоварувања и ризици. Тој предлага да се подготви нов правилник или одлука во соработка со полициските синдикати, со кој јасно ќе се дефинираат условите, износот и начинот на исплата на надоместокот.
Тензии по убиството
Засилените безбедносни мерки во југоисточна Словенија следеа по нападот во саботата во кој 21-годишен припадник на ромската заедница наводно убил 48-годишен маж. Инцидентот дополнително ги продлабочи веќе затегнатите односи меѓу ромското и останатото население во регионот.
На вонредната седница на Градскиот совет на Ново Место, словенечкиот премиер Роберт Голоб најави усвојување на посебен закон кој ќе го носи името на убиениот маж.
Новиот закон треба да вклучува измени во кривичното, социјалното и другото законодавство, а предвидените мерки вклучуваат дополнителни овластувања на полицијата во областите на безбедносен ризик, построги казни за повратниците, можност за спроведување на социјалните бенефиции и полесна конфискација на имот од непознато потекло.
Извор: Jutarnji.hr
