Заменик претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ и вицепремиерката и министерка за надворешни и европски работи на Република Словенија Тања Фајон во име на двете земји денеска потпишуваа Меморандум за меѓународна развојна соработка за периодот 2023–2024 година.
На прес-конференцијата одржана по повод потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу Северна Македонија и Словенија, вицепремиерот Маричиќ истакна дека двете држави прават уште еден голем чекор напред во зацврстувањето на традиционалното пријателство и взаемната поддршка која ја негуваат со целосно внимание.
„Односите меѓу Северна Македонија и Словенија се изградени на солидните темели на взаемното длабоко познавање и на меѓусебна почит меѓу нашите народи. Нашето пријателство го зацврстивме со договори за долгорочна и стратешка соработка, каков што е Договорот за развојна соработка од 2004 година“, истакна на прес конфернцијата Маричиќ.
Вицепремиеот рече дека меморандумот за меѓународна развојна соработка за периодот 2023–2024 година предвидува околу два милиони и сто илјади евра (2.079.889 евра) словенечки средства за развој, коишто ќе ни бидат ставени на располагање за финансирање проекти на пет инфраструктурни проекти во пет општини во нашата земја.
„Владата на Словенија со 1.3 милиони евра ќе ја помогне изградбата на системот за прочистување на отпадни води во сливното подрачје на Дојранското Езеро.Со 225.000 евра пак, ќе ја поддржи изградбата на хидроцентрала Б на браната Кнежево во општина Кратово, а чиј вкупен буџет изнесува 450.000 евра. Граѓаните на Словенија со 224 илјади евра ќе ја помогнат изградбата на системот за намалување на загубата на вода во општина Кочани, додека вкупниот буџет на овој проект изнесува 448 илјади евра. Со развојни средства во износ од 100.000 евра Словенија ќе го ко-финансира енергетското реновирање на зградата на градинката и ќе учествува во подигање на еколошката свест кај децата во општина Штип. Петтиот проект опфатен со овој меморандум е инвестицијата за поставување соларни панели во општина Крива Паланка, проект вреден 102.982 евра, во кој Република Словенија учествува со 51.500 евра“, соопшти Бојан Маричиќ.
Тој дополни дека станува збор за проекти што ќе им донесат сериозни директни придобивки на граѓаните на овие пет македонски општини, но и на целата држава, а искуствата во подготовката и евалуацијата на проектите ќе се пренесат и во наредниот циклус кога уште на почетокот на 2024 година ќе започне координацијата за нови проекти за следниот Меморандум за разбирање 2025-2026 година.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Маричиќ на прес конференцијата нагласи дека Словенија сесрдно и безрезервно ја поддржува евроинтеграцијата на нашата земја во нејзината аспирација да ги постигне стандардите колку што е можно побргу да го заокружиме овој процес.
Вицепремиерката и министерка за надворешни и европски работи на Република Словенија Тања Фајон од своја страна потенцираше дека македонските граѓани и Западен Балкан секогаш може да сметаат на Словенија како цврст поддржувач на целосниот процес на проширување на ЕУ.