Судењето за случајот со Ивана продолжува со нови сведоштва што ја вознемирија јавноста, откако нејзиниот брат откри дека таа живеела во постојан страв, под закани и уцени од сопругот.
Според неговото сведочење, во еден момент обвинетиот побарал дури 30.000 евра за да се повлече од станот, при што ѝ се заканувал дека ќе ѝ го одземе домот. Ивана се обидувала да најде излез од ситуацијата и побарала помош од своето семејство, но истовремено се плашела да не биде измамена.
Братот посочи дека односите меѓу сопружниците биле сериозно нарушени и дека со текот на времето таа станувала сè поизолирана од блиските. Во еден период се сомневала дека документи поврзани со станот биле фалсификувани и префрлени без нејзина согласност.
Дополнително, семејството било загрижено бидејќи обвинетиот поседувал оружје, а комуникацијата со Ивана во одредени моменти била сомнителна, што отворало прашања дали некој друг пишува во нејзино име.
Случајот предизвикува силни реакции во јавноста и повторно ја отвора темата за семејното насилство и институционалната заштита на жртвите, особено кога постојат јасни сигнали за опасност.