Случај Онкологија: Нино Васев останува во притвор

Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје го одби предлогот на одбраната поранешните директори на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, да бидат пуштени од притвор, и покрај понудената имотна гаранција во вредност од над 350.000 евра.

Судијката Славица Наумова-Јосифовска, според образложението што го пренесоа медиумите, оценила дека во постапката нема променети околности и дека и натаму опстојуваат причините поради кои претходно била определена, а потоа продолжувана мерката притвор. Воедно, било посочено дека советот на судот редовно ја преиспитува потребата од притвор на секои 30 дена.

Во делот за гаранцијата, судот појаснил дека во оваа фаза не може да одлучува за прифаќање на имотна гаранција и ги упатил странките на надлежниот совет што постапува по вакви предлози по потврдување на обвинението, со напомена дека одбраната не го губи правото повторно да го изнесе предлогот.

На вчерашното рочиште сведочеше и претставник од Државниот завод за ревизија, кој ги презентирал наодите од ревизијата на клиниката за 2021 година. Според сведочењето, ревизијата утврдила слабости и неусогласености во финансиското работење и во примената на прописите, вклучително и ризици во планирањето и следењето на биолошката терапија, како и разлики во сметководствената евиденција меѓу издадените лекови од аптеката и примањата во организациските единици на клиниката.

Предметот „Онкологија 2“ се води по обвиненија дека во периодот 2018–2022 година биле вршени незаконити набавки и постапки поврзани со лекови и терапија, со наводна штета за буџетот, а обвинетите ја негираат вината. Судењето продолжува со следни рочишта според распоредот на судот.

Зачлени се на нашиот е-билтен