Судењето за масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград денеска влегува во една од најчувствителните фази, бидејќи во Специјалниот суд треба да биде сослушан малолетникот К.К., кој на 3 мај 2023 година уби девет ученици и училишен чувар, а рани уште седум лица. Постапката е затворена за јавноста, но белградски медиуми наведуваат дека токму преместувањето на рочиштето во друга судска зграда упатува дека е предвидено негово сослушување.
Малолетникот треба да биде донесен од здравствената установа во која се наоѓа речиси три години. Неговите родители, Миљана и Владимир Кецмановиќ, од почетокот на процесот ја негираат вината, а повтореното судење следува откако Апелацискиот суд во Белград ја поништи првостепената пресуда и наложи нова постапка.
Во поништената пресуда, таткото беше осуден на 14 и пол години затвор за занемарување и злоупотреба на малолетно лице и тешко дело против јавната безбедност, додека мајката доби три години затвор за занемарување и злоупотреба на малолетно лице. Инструкторот на стрелиштето каде што момчето вежбало пукање беше осуден на една година домашен затвор за лажно сведочење. Паралелно со кривичната постапка, против семејството се водеа и повеќе граѓански постапки по тужби од семејствата на убиените и ранетите.
Случајот и натаму останува едно од најтешките и најпотресни злосторства во поновата историја на Србија, не само поради бројот на жртвите, туку и поради прашањата што сè уште ја потресуваат јавноста: како дете дојде до оружје, кој потфрли во системот и дали правосудството може да понуди целосен одговор за трагедијата што го промени регионот. Според достапните информации, К.К. во моментот на злосторството немал наполнето 14 години и затоа не сноси кривична одговорност, а нападот го извршил со два пиштола што му припаѓале на неговиот татко.