По повод Меѓународниот ден на борбата против исламофобијата, активистката Мерсиха Смаиловиќ на својот профил на Фејсбук реагираше на кандидатурата на Марија Среброва од партијата Левица за градоначалничка на Општина Центар.
Смаиловиќ потсетува дека во 2022 година Среброва, како тогашна советничка, јавно ја навредувала користејќи говор на омраза врз основа на нејзиниот верски идентитет. Таа наведува дека за инцидентот поднела претставка до Комисијата за заштита од дискриминација, која дала позитивно мислење.
„Се утврдува повторено и повеќекратно вознемирување врз основа на етничка припадност, религија или верско уверување и друго уверување сторено од Марија Среброва кон Мерсиха Смаиловиќ, во областа на дејствувањето и работа на општинските совети“, стои во мислењето на Комисијата, цитирано во нејзиниот статус.
Смаиловиќ додава дека нападот врз неа бил поради нејзината верска припадност, а денес, наместо санкција, Среброва добила „награда“ со кандидатура за градоначалничка.
„Сѐ додека живееме во својот себичен круг и размислуваме дека ‘тие и тие се добри, мене ништо не ми направиле’, луѓе кои отворено шират исламофобија ќе стануваат носители на функции. Сѐ додека не дојдат кај вас лично, пред врата“, пишува Смаиловиќ.

