Smart MK 2030: дигитална држава и нови е-услуги за граѓаните

Кога премиерот Христијан Мицкоски денеска од говорницата порача дека „без дигитална држава нема владеење на правото и ефикасна борба против корупцијата“, Владата ја претстави Националната стратегија за развој на ИКТ – Smart MK 2030, а паралелно беа промовирани и новите е-алатки за граѓаните: е-киоск терминалите и е-сандачето. Визија на хартија, конкретни решенија на терен – и многу отворени прашања што ќе одлучат дали дигиталната трансформација ќе остане политички слоган или ќе стане реалност.

Според Мицкоски, Smart MK 2030 треба да биде патоказ за „паметна, дигитална и правична Македонија до 2030 година“, со јасно фокусирање на знаењето, технологијата и човечкиот капитал. Документот е усогласен со Националната развојна стратегија 2024–2044 и со европските дигитални стандарди, и ги опфаќа сите клучни области: јавната администрација, образованието, здравството, економијата и локалниот развој.

Премиерот инсистира дека дигитализацијата е предуслов за владеење на правото: кога процесите се водат електронски, секоја одлука остава трага, а поврзаните системи ја ограничуваат можноста за селективност, привилегии и неформални „посредници“. Така барем звучи концептот – но, за да не остане само на ниво на изјава, таа дигитална трага треба да стане видлива и за инспекциите, обвинителството и судовите, а не само за ИКТ-одделенијата во институциите.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, ја чита стратегијата и низ бројки: според најновите резултати на GovTech Maturity Index на Светска банка, Македонија за една до две години скокнала за 22 места и се наоѓа на 79. позиција во светот, во групата на држави што се оценети како напредни во дигиталната трансформација. Како приоритети ги наведува инфраструктурата, дигиталните вештини, дигиталното управување и новите технологии, вклучително и вештачката интелигенција, со цел половина од населението до 2030 година да има барем средно ниво на дигитална писменост.

Она што требаше да покаже како стратегијата ќе се преточи во секојдневие се новите е-услуги. Е-киоск терминалите, промовирани денеска, се претставени како практично решение за дигитална инклузија: машини поставени на фреквентни локации, достапни 24 часа дневно, каде граѓаните ќе можат да се идентификуваат со лична карта или пасош, да изберат услуга, да платат и да го добијат документот веднаш, испечатен на лице место. Според најавите, токму овие терминали треба да им помогнат на оние кои немаат постојан интернет-пристап, живеат во рурални средини или имаат пониско ниво на дигитални вештини.

Паралелно се промовира и е-сандачето – официјален, безбеден и правно валиден дигитален канал помеѓу државата и граѓаните. За разлика од обична електронска пошта, системот треба да функционира како централизирана платформа за прием на решенија, известувања и други акти, со доказ за прием, нотификации во реално време и можност граѓанинот да го следи статусот на својот предмет без да шета од шалтер на шалтер. Ако биде имплементирано доследно, е-сандачето би можело да ја скрати хартиената администрација и да го намали просторот за „губење“ документи по ходници.

Во завршниот дел од обраќањето, Андоновски порача дека со досегашната дигитализација на услугите, со документ-менаџмент системите во институциите, интероперабилноста, е-сандачето и терминалите за услуги, државата веќе спроведува „конкретна и мерлива имплементација на дигиталната трансформација“ – со цел ефикасна, достапна и „европска“ дигитална држава.

Но токму тука почнува посериозната анализа. Дигиталните стратегии и индекси во последната деценија секогаш звучеле исправно на презентации, но граѓаните сè уште често се соочуваат со шалтерашки менталитет: печатење документи што веќе постојат во некој регистар, потврди „на рака“, различни формулари за различни институции кои не комуницираат меѓу себе. Истиот овој ресор пред година и половина призна дека основа на вистинска дигитална трансформација е регистрите да бидат дигитализирани и поврзани во единствена околина за размена на податоци – без тоа, секој нов е-киоск останува само нова фасада над истиот, стар систем.

Владата денеска тврди дека Smart MK 2030 е токму одговор на тие слабости: патоказ кој ги врзува ИКТ-проектите со владеењето на правото, борбата против корупцијата и европската агенда. Но дали дигиталниот траг навистина ќе стане алатка против корупцијата зависи од тоа колку ќе бидат поврзани базите на податоци, дали пристапот до нив ќе биде транспарентен за надлежните институции и дали ќе постои политичка волја да се следат патеките на одлуките – од тендери и дозволи, до судски решенија.

Е-киоскот и е-сандачето можат да го скратат чекалникот и да ја намалат потребата од „врски“. Но без внатрешна реформа на администрацијата, без сериозно чистење на старите практики и без јасни правила за заштита и употреба на податоците, дигиталната држава лесно може да остане само уште една стратегија до 2030 – додека реалноста и понатаму се мери по тоа колку брзо ќе стигне печатот на хартиено решение.

Зачлени се на нашиот е-билтен