Снегот, дождот и ниските температури денеска донесоа хаос во сообраќајот во многу европски земји, бидејќи по празниаците луѓето се враќаат на своите работни места.
Околу 450 летови беа откажани на аеродромот Схипхол во Амстердам, а железничкиот сообраќај беше прекинат во холандската престолнина и во регионот Утрехт, објавија операторите.
Исто така, имаше прекини во железничкиот сообраќај во Полска.
Во Чешка беа забележани -30,6 степени Целзиусови, во шумата на границата со југоисточна Германија. Бројни несреќи се случија на лизгави патишта, особено во нископланинските региони.
Стотици училишта беа затворени во Шкотска поради неповолните услови, а во многу делови од Велика Британија беа издадени предупредувања за лоши временски услови поради обилни снежни врнежи.
Локални нарушувања беа регистрирани и во Франција, а изобилен снег падна и на Балканот, особено во Босна и Херцеговина, Романија и во Србија.
Во Карпатскиот регион на Трансилванија, неколку села беа изолирани, бидејќи снегот ги покри пристапните патишта.
Во Шведска, летовите се откажани на аеродромот во Стокхолм, а се очекуваат нови снежни врнежи навечер.
Во Австрија, државните метеоролози издадоа предупредување за студено време за западниот дел од земјата, со температури што би можеле да паднат до -17 степени Целзиусови во вторник.