Снег падна низ цела Грција, јавуваат грчките медиуми, а поради интензивните врнежи, голем дел од сообраќајот, особено на островите, е сериозно нарушен или целосно запрен. Најтешка е состојбата на Крит, каде движењето на возила е ограничено на повеќе патни правци.
Снежни врнежи беа регистрирани и на полуостровот Халкидики, како и на островите Лимнос, Лезбос, Хиос, Спорадите, Евија и Крит. Поради временските услови, наставата во многу училишта е прекината и, каде што има технички можности, се одвива онлајн.
Иако во дел од регионите температурите се движат околу нулата, снежната покривка и понатаму создава проблеми. Според најавите на грчките метеоролози, нов снежен бран се очекува во текот на ноќта и во текот на денот, што може дополнително да ја влоши состојбата.
Голем број патишта се покриени со снег и мраз, поради што надлежните апелираат граѓаните да не тргнуваат на пат без соодветна зимска опрема, особено ако патуваат со автомобил.
Температурите во поголемиот дел од Грција се движат од минус 3 до минус 6 степени Целзиусови, додека на северозападот се спуштаат и до минус 10 степени.