Снимки има, одговори нема: Судот ги гледа камерите, но не и вината за смртта на Фросина

Со изведување видео-докази од системот „Безбеден град“ и сослушување сведок, денеска продолжи судењето против Зоран Јованов, татко на Васил Јованов, кој е обвинет во случајот поврзан со сообраќајната несреќа во која животот го загуби пешакот Фросина Кулакова.

Рочиштето се одржа во Основниот кривичен суд Скопје, каде што беа прикажани три видео-снимки обезбедени преку системот за видео-надзор. Одбраната повторно инсистираше дека Обвинителството не понудило доволно цврсти докази дека обвинетиот му го доверил возилото на својот син, Васил Јованов, кој ја предизвикал несреќата.

Одбраната: Нема доказ кој управувал со возилото

Според адвокатите на обвинетиот, снимките не овозможуваат јасна идентификација на лицето кое управувало со возилото, ниту пак потврдуваат дека обвинетиот бил свесен дека автомобилот бил користен.

„Од снимките не може со сигурност да се утврди идентитетот на возачот, ниту пак дали возилото било дадено од страна на обвинетиот. Самиот систем не овозможува препознавање на лица“, истакна одбраната, додавајќи дека доказите се нецелосни и недоволно јасни.

Сведок: Не знаев дека управувал без дозвола

Пред судот сведочеше пријателка на Васил Јованов, која изјави дека ретко се возела со него и дека никогаш не разговарале за тоа дали автомобилот му бил даден од татко му. Таа посочи дека нема сознанија оти возел без возачка дозвола, освен информацијата дека во минатото бил казнет.

Судот ќе ги цени доказите во завршницата

Од судот соопштија дека сите изведени докази, вклучително и видео-снимките, ќе бидат предмет на оценка во завршната фаза од постапката.

Судењето се однесува на трагичната сообраќајна несреќа од јануари 2025 година, во која загина Фросина Кулакова, по што случајот предизвика силни реакции во јавноста.

Зачлени се на нашиот е-билтен