Вечерва во 20 часот, на големата сцена на театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, свечено ќе биде отворено 22. издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „СТОБИ 2025“.
Фестивалот го отвора претставата „Агамемнон – кругот на крвта“ на „NEW YORK La MaMa Experimental Theatre Club“ од САД, во концепт, адаптација и режија на Рефика Чавише, која игра и една од главните улоги. По светската премиера во Њујорк и настапот во театарот „Акропол“, претставата ја продолжува својата европска турнеја токму во Велес.
До 5 ноември, на фестивалската сцена ќе настапат и Академијата „Медитеранеа Делатори“ од Италија, театарот од Куманово, Драмски театар – Скопје, како и театарот од Штип, кој со претставата „Лекција“ ќе го затвори фестивалот.
И годинава ќе бидат доделени статуетките на фестивалот за најдобра женска и машка улога, најдобра претстава и најдобра режија.
