Со чии пари Димитриеска-Кочоска спонзорира Фејсбук објава за поддршка на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Карпош?

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, на три дена пред објавувањето на локалните избори на социјалната мрежа Фејсбук информираше дека имала средба со кандидатот за градоначалник на Општина Карпош Сотир Лукровски, и пратеникот Тони Јаревски, двајцата, како и министерката, членови на ВМРО-ДПМНЕ.

„Пријателска и конструктивна средба со Сотир Лукровски, кандидат за градоначалник на Општина Карпош, и пратеникот Тони Јаревски.

Разговаравме за претстојните локални избори и за важноста на визијата и одговорниот пристап во управувањето со општините.

Карпош заслужува нова енергија посветена на граѓаните, чесна и ефикасна локална власт“, напиша таа во објавата.

Освен што со оваа изјава министерката за финансии како носител на јавна функција во централната власт пропагира во име на кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, вниманието го привлекува и фактот што таа е и „спонзор“ на објавата, односно платила за неа 100 евра со назнака „рекламирањето“ да отпочне на 9 август, односно точно на денот кога беа распишани изборите кои треба да се одржат на 19 октомври.

Според видливите податоци за спонзорираната објава, таргетирано е со сумата од 100 евра, пораката на министерката да стигне од 100.000 до 500.000 корисници на Фејсбук.

Се поставува прашање со чии пари министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска го платила ова политичко рекламирање? Доколку се нејзини лични средства, се исправа дилемата дали е тоа етички да се прави на нејзината официјална страна на Фејсбук ви функција на министерка за финансии? Ако се работи за средства од буџетот на министерството, прашање е дали е тоа употреба на јавни, народни, пари за партиски цели?

Овие прашања ги упативме и до Министерството за финансии, од каде што очекуваме одговори кои ќе ги објавиме интегрално веднаш штом ќе ги добиеме.

Инаку, на министерката Гордана Димитриеска-Кочоска ова не и е единствената објава со која таа од оваа функција ги фаворизирира и рекламира кандидатите за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ.

Истиот ден кога ги примила Сотир Лукровски, и пратеникот Тони Јаревск, таа била и на спонтана прошетка во Старата скопска чаршија со кандидатот за градоначалник за Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и со пратеникот, Ѓорѓија Сајкоски.

Инаку, на објавите на министерката реагираа и граѓаните кои ја прашаа дали како министерка на сите граѓани ќе се сретне и со кандидатите на другите партии и зошто една ваква партиска средба не била организирана во седиштето на партијата ВМРО-ДПМНЕ, туку во Министерството за финансии.

Зачлени се на нашиот е-билтен