Документарниот диптих „Неврзаните“ и „Филмски герили“ на Мила Турајлиќ, денеска ќе биде прикажан во Салон 19:19 во Културно информативниот центар – Скопје, со почеток во 20:00 часот. Со документарниот диптих, почнува филмскиот сектор и филмската програма во КИЦ.
– „Неврзаните“ и „Филмски герили“ се документарен диптих од два долгометражни филмови кои нè носат на архивски роуд-трип низ раѓањето на проектот „Трет свет“, базиран на досега невидени 35 мм материјали снимени од Стеван Лабудовиќ, снимателот на југословенскиот претседател Тито. Првиот филм од диптихот е посветен на појавата на Движењето на неврзаните и на Самитот што се одржа во Белград во 1961 година, додека вториот филм е возбудливо патување во архивските материјали снимени од Стеван Лабудовиќ во текот на трите години од Алжирската војна за независност, информираат од КИЦ.
Оттаму, посочуваат дека „Неврзаните“ одново го проследува раѓањето на движењето „Неврзани“, испитувајќи како еден глобален проект на политичка еманципација бил конструиран низ филмската слика.
Светската премиера на „Неврзаните“ се одржа на Меѓународниот фестивал на документарен филм во Амстердам – IDFA, „Филмски герили“ („Ciné-guerrillas“) премиерно е прикажан на Меѓународниот филмски фестивал во Торонто (TIFF), додека македонската премиера на диптихот се одржа на фестивалот за креативен документарен филм Македокс.