Со граѓански донации „Сапорт Кочани“ денеска ја обезбеди првата пратка со специјализирана компресивна облека за повредените во Кочани

Во Кочани денеска пристигна првата пратка со специјализирана компресивна облека наменета за повредените во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.

„Сапорт Кочани“ ја покри целата вредност на првата пратка, која изнесуваше 923.458 денари, благодарение на донации од граѓани и компании. Од организацијата соопштија дека веќе се обезбедени средства и за втората тура облека, и упатија јавна благодарност до сите кои несебично помогнаа.

Костумите се набавени од бугарската компанија „Хелт2000“, која е специјализирана за медицински помагала.

Заедно со пратката, во Кочани пристигнаа и медицински стручњаци од Бугарија, како и претставници на компанијата „Јузо“ од Германија и Холандија. Тие одржаа обука за правилна употреба на компресивната облека, која е клучен дел од процесот на рехабилитација кај лица со тешки изгореници и трансплантирана кожа.

„Кочани не заборава и не е сам“, порачаа од организацијата.

Зачлени се на нашиот е-билтен