Адвокатска компанија Симонс и Симонс на својот официјален веб сајт има поставено предупредување за измами во кои се злоупотребува нивното име. Адресата на официјалната страница е simmons-simmons [dot] com. Евидентно е дека адвокатската канцеларија е мета на манипулации, измами на светско ниво во повеќе држави, објави Вистиномер.
Текстот го пренесуваме интегрално:
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
Пропаднавте во замка на измамници? Ние ќе ви помогнеме.
Потоа се споделува фотографија со грбот на полицијата, односно на Министерството за внатрешни работи на Северна Македонија, веднаш до логото на британскиот јавен сервис Би Би Си, до кој стои и фабрикуван наслов ,,Интерпол заедно со македонскатa полиција уапси 9 канцеларии на интернет измамници”.
Потоа граѓаните се наведуваат да пополнат формулар за наводен поврат на сите украдени средства во рок од 48 часа.
Полицијата ве замолува да го пополните формуларот за поврат на сите украдени средства во рок од 48 часа, пополнете го формуларот, пишува на фотографијата од објавата.
Првиот показател дека страницата на која сте однесени по кликнувањето е фабрикувана, односно не е реална, е самиот домејн. Тој гласи emberradiance.vip додека на страницата се претставува дека таа е на адвокатската канцеларија Simmons Partners. Доколку адвокатската канцеларија навистина би била на Simmons Partners, таа не би била на таков домејн кој нема никаква врска со името ниту канцеларијата.
Понатаму, втор показател дека станува збор за измама, е тоа што македонската полиција никогаш не би им сугерирала на измамени граѓани да се обраќаат на конкретна адвокатска канцеларија. Таква пракса на сугерирање на адвокатска канцеларија, македонското Министерство за внатрешни работи нема ниту еднаш од осамостојувањето до денес. Кривичните дела кои се гонат по службена должност МВР ги презема а оштетените потоа имаат право на граѓански оштети, за што самите си бираат адвокат, а МВР нема врска со тој процес. Тоа е уште еден знак кој на граѓаните треба да им е исклучително сомнителен и да бидат внимателни и одвратени од идејата да аплицираат на оваа страница.
На дното од страницата е објавена и неверодостојна таканаречена официјална регистрација или лиценца. Како што Вистиномер веќе пишуваше во една слична поранешна рецензија, темплејтот на кој е поставена лиценцата е многу сличен со оној на руски сајтови кои наводно ви нудат помош за заштита од измамници.
Самата адвокатска компанија Симонс и Симонс, на својот официјален веб сајт има поставено предупредување за измами во кои се злоупотребува нивното име. Адресата на официјалната страница е simmons-simmons [dot] com. Евидентно е дека адвокатската канцеларија е мета на манипулации, измами на светско ниво во повеќе држави.
Уште еден начин на кој со сигурност може да сте уверени дека сајтот кон кој пристапувате во објавата што ја рецензираме е измамнички, е тоа што на дното од страницата е наведена адресата, но таму нема никаква адвокатска канцеларија, туку е наведена адресата на трговскиот центар Сити Мол во скопската населба Карпош. На сајтот на Симонс и Симонс, кој е веродостоен, претставени се сите нивни адреси на претставништва во Европа. Претставништво во Северна Македонија нема, туку има само во Луксембург, Белгија, Франција, Германија, Ирска, Италија, Шпанија, Холандија и Велика Британија.
Последниот црвен аларм е тоа што на страницата се злоупотребува фотографија од вистински адвокат на Симонс и Симонс и се наведува дека таа му припаѓа на наводен Павел Дворак, правник и сениор партнер во фирмата. Но, фотографијата, како што Вистиномер веќе објави, (оваа фотографија) е од Марко Боно од Милано Италија, супервизор за Симонс и Симонс.
Тоа е дополнителен показател дека елементи од сајтот на вистинскиот Симонс и Симонс се украдени за да се злоупотребат на неверодостојни сајтови. Затоа не се препорачува да пополнувате никакви апликации, да не споделувате лични податоци, да не преземате софтвер кој ќе ви биде препорачан преку оваа страница и да имате предвид дека ниту МВР ниту Би Би Си не препорачуваат, ниту бараат од граѓаните да пријавуваат интернет измами во оваа или било која друга специфична адвокатска канцеларија.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.
Преземено од МЕТА.мк