Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со најавите за коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Левица веќе сѐ е јасно, во Македонија има проруски и проевропски фронт

Потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев во своја објава на Фејсбук по повод преговорите на Мицкоски со Апасиев за коалиција за претстојните парламентарни избори напиша дека нештата станале јасни и дека сега точно се гледа кој е за режим и изолација, а кој е за подобар животен стандард на граѓаните.

„Во Македонија има проруски и проевропски фронт. Фронт кој сака режим и изолација повторно и фронт кој сака повисоки плати, пензии и подобар животен стандард. Фронт за заробени медиуми, заробена држава и слободарски фронт“, вели Богоев во својата објава, откако и лидерот на Левица потврди дека ќе преговараат за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ, а Мицкоски изјави дека е подготвен за сојуз со Левица.

Богоев испрати порака до граѓаните дека можат сами да изберат и одлучат меѓу антиевропскиот и антимакедонскиот форнт и проевропскиот фронт на чело со СДСМ.

„Глас за Апасиев е глас за Мицкоски и обратно. Коалиција Девица!“, заклучи Богоев во објавата.

И Министерката за култура и потпретседателка на СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска по повод можното коалицирање на Мицкоски со Апасиев во објава на Фејсбук напиша дека Мицкоски ја признал и ја потврдил желбата за коалиција со Левица.

„Вистинските вредности за кои се залага Мицкоски се исти како оние на неговиот потенцијален коалициски партнер, антиевропската Левица. Од партнер на демократскиот свет, на САД и ЕУ сакаат да ја вратат државата во времето кога беше изолирана и заробена. Тоа ќе ни донесе економска неизвесност, назадување и блокади“, потенцираше Костадиновска-Стојчевска.

Таа заклучи дека граѓаните не сакаат антиевропски политичари. Граѓаните сакаат политичари кои работат за сигурна иднина, поголеми плати, подобар животен стандард, за младите својата иднина да ја градат во европска држава, дома, во својата татковина.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново