Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Со основање на „Спомен куќа на Мустафа Кемал Ататурк“ до поголем развој и промоција на културата на заедниците

Со основање на „Спомен куќа на Мустафа Кемал Ататурк“ – Коџаџик, Центар Жупа, како посебна национална установа го зајакнуваме националниот интерес на културата и создаваме можности за поголем културно-уметнички развој и промоција, соопштија од Министерството за култура.

Ова доаѓа откако на предлог на Министерството, Владата донесе одлука за основање национална установа „Спомен куќа на Мустафа Кемал Ататурк“ – Коџаџик во Центар Жупа.

Новата национална установа ќе извршува музејска дејност, а целта на одлуката е истражување, собирање, средување, стручно и научно обработување, проучување, заштита, чување, објавување и презентирање на историско етнолошките предмети поврзани со животот и делото на Мустафа Кемал Ататурк, како и на други етнолошки и историски предмети од значење на државата.

Спомен куќата на семејството на Мустафа Кемал Ататурк и роднинската куќа во Коџаџик пред неколку години беше дадена на трајно користење на Национална установа Музеј на Република Северна Македонија.

Од Министерството велат дека ова културно наследство ќе биде изложбен простор каде ќе се реализираат изложбени поставки,предавања и семинари, прикажувања на филмови, одржуваат едукативни работилници и ќе бидат презентирани музејските предмети.

-Како ризница на културни вредности, новата туристичка атракција освен што ќе проднесе за континуиран развој на регионот и институционално чување на историското културно наследство, на посетителите со културни активности ќе им биде автентично претставена пренесената традиција на турските семејства во реканскиот регион, со средиште на културно и општествено живеење, односно ќе придонесува за откривање и оценување на универзалните човекови вредности во изминатиот период, велат од Министерството.

Оттаму посочуваат дека Меморијалниот центар „Коџаџик“ – Спомен куќата на Мустафа Кемал Ататурк и роднинската куќа во Коџаџик просторно и со опрема ги исполнува условите за соодветно чување и презентирање на музејскиот фонд, поседува основни средства за работа, а постои и потенцијален музејски фонд од предмети со етнолошки и историски карактер. Новата установа ќе биде отворена и достапна за сите видови на соработка со други установи од областа на културата, граѓански организации, образовни институции, културни работници и за меѓународна соработка.

Зачлени се на нашиот е-билтен