Вевчанци и годинава не разочараа – карневалот е вистинска отворена театарска сцена, каде креативноста и хуморот се на прво место. Со традиционалното василичарско оро и палење на маските во центарот на селото, денес напладне ќе заврши годинашното издание на Вевчанскиот карневал, оставајќи трајни впечатоци кај публиката од земјава и странство.
Во фокусот на годинашното издание беа актуелните случувања во земјава и светот, преточени во маски кои предизвикаа громогласно смеење. Големо внимание привлече групната маска на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп, мигрантските кампови во земјава, како и креативните интерпретации на актуелната политика и локални случувања. Не се занемари ни „Шареното племе“ од Африка, кое на сатиричен начин го „избрка злото“ од селото.

Поворката ја предводеа зетот и невестата, заштитувани од ѓаволи и глупави августи, додека оркестарот со зурли и тапани беше задолжен за ритамот на настанот. Вевчанците повторно докажаа дека карневалот не е само традиција, туку и простор за изразување на актуелни теми со хумор и артистичка слобода.
Палењето на маските симболизира бркање на злото, а вевчанци веруваат дека прочистени ќе ја дочекаат Новата година, според Јулијанскиот календар. Претходно зетот, невестата, ѓаволите и глупавите Августи заедно со останатите маскирани, ќе ги посетат семејствата, чии членови го носат името посветено на Свети Василиј.

Вевчанскиот карневал, со традиција од околу 15 века, ги спојува паганските и христијанските обичаи, одбележувајќи го празникот Св. Василиј Велики и Новата година според Јулијанскиот календар.